Македонија
За пет дена 2.267 сообраќајни прекршоци, уапсени се 22 лица

Од почетокот на месец октомври полицијата констатирала 2.267 сообраќајни прекршоци, а 22 лица се уапсени за безобзирно управување на возило, соопшти МВР.
Во периодот од 01.10.2025-05.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.267 издадени платни налози, 514 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 22 лица, од кои 18 за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 605 прекршоци за неправилно паркирање, 258 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 73 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 32 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и тројца пешаци и 26 возачи на електрични тротинети. Исто така санкционирани се 111 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, 73 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 29 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 30 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: СДС, ДУИ и Левица се осојузиле поради слепата желба за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Долнени, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година. Мицкоски истакна дека на овие избори има две коалиции, едната на непринципиелни основи СДС-ДУИ- Левица и од другата страна ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои се борат за подобра иднина на граѓаните, трета опција нема.
„На овие избори имаме две опции, две понуди, едната понуда е коалицијата којашто е создадена на основа на непринципиелни релации помеѓу коалиционите партнери. Врз основа на слепата желба за власт, слепата желба за привилегии, но истовремено тоа што претставува главна точка на поврзување помеѓу овие политички во таа некаде формална а некаде неформална коалиција е гневот и омразата којшто тие го имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата којашто ја сочинуваат СДСМ-ДУИ и Левица. Венко Филипче, Димче Апасиев и Али Ахмети се осојузиле поради слепата желба за власт и гневот и омразата којашто ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. И втората коалиција којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се двете опција коишто граѓаните ќе ги имаат пред себе на следните избори. Трета опција нема“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека коалицијата на СДС-ДУИ, 7 години ја уназадуваа државата додека ВМРО-ДПМНЕ изминатите 15 месеци ги гради темелите на државата и се бори за подобра иднина на граѓаните.
„Првата е коалиција да се вратиме назад во времето кога се ограбуваше државата која се ограбуваше народот буквално, кога се живееше на товар на народот и државата кога истата се распродаваше се засрамуваше. И Втората коалиција којашто е ВМРО-ДПМНЕ којашто живее заедно со народот за државата за Македонија којашто живее за иднината на граѓаните и Македонија и којашто овие 15 месеци секој ден, буквално секој ден 7 дена во неделата работеше по 15 часа на ден за да може да се исправи сето она што претходно беше погрешно направено од коалицијата СДС ДУИ. 15 месеци бевме буквално посветени на зајакнување на темелите коишто беа разурнати. Неисплатени плати, неисплатени субвенции. Целта на овие партии е само да се доберат до фотелјите и потоа да продолжат да ја уништуваат оваа наша заедничка татковина Македонија“ истакна Мицкоски.
Мицкоски повика на 19 октомври граѓаните да гласаат за бројот 9 за поквалитетен живот, за напредок и развој на државата.
„Ве повикувам сите да излезете на 19 октомври да го заокружете бројот 9, да гласате за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата затоа што само така може да зборуваме за иднина, за развој на општините и Македонија“ заклучи Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Бегај: Членките на ЕУ сакаат многу брзо да го видат регионот во рамките на Унијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на состанокот на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на којашто го поздрави напредокот на земјата во процесот на интеграцијата во ЕУ и отворањето на петтиот од вкупно шесте кластери.
Соговорниците разговараа за досегашниот тек на преговорите меѓу Албанија и Унијата и начинот на нивното менаџирање.
Претседателот Бегај истакна дека дел од земјите членки на Унијата сакаат многу брзо да го видат регионот во рамките на ЕУ. Тој изрази подготвеност за помош и поддршка во процесот на македонската евроинтеграција, додавајќи дека членството во ЕУ гарантира владеење на правото, заштита на човековите права и јакнење на демократскиот капацитет.
На средбата, обајцата ја повторија потребата од негувањето на меѓусебното партнерство на мултилатерален план. Истовремено, се согласија дека треба да се прошири и продлабочи соработката на сите полиња.
Македонија
Утре, без вода делови од скопски Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Вторник ) поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот. (општина Аеродром )