Македонија
За 30 години, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари проштална средба со Џери Дибл, претставничка на УСАИД во државава на која присуствуваше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Заблагодарувајќи ѝ се на Дибл за посветениот ангажман и придонесот во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји, претседателката истакна дека различните американски програми и проекти за соработка, оставија видлив белег во земјава. Дел од нашиот развој во повеќе области, како што додаде таа, се должи на фондовите на УСАИД и затоа државата очекува да завршат започнатите проекти.
Сиљановска-Давкова ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на билатералните релации и за продлабочување на македонско-американското пријателство, имајќи предвид дека со САД како наш стратешки партнер, имаме неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, а особено во економијата.
Разговарајќи за македонскиот евроинтегративен процес, Сиљановска-Давкова искажа благодарност за континуираната поддршка од САД, како и верување дека со помош на новата администрација ќе ја прошират и продлабочат економската соработка.
На средбата, Дибл посочи дека во изминатите 30 години, преку бројни проекти, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари. Имајќи ги предвид последните кратења на средствата за помош, таа истакна дека заедно со американската амбасада и со други донатори ќе се обидат да најдат начин да се реализираат започнатите проекти и активности, со цел да не се изгубат досегашните придобивки од нив.
Амбасадорката Агелер искажа разочараност што се затвора Канцеларијата на УСАИД во земјата и истакна дека Амбасадата, заедно со Владата и со други партнери, ќе продолжи да се залага за финализирање на започнатите програми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција во близина на Ливадичко Езеро

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеше спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.
„Информацијата за инцидентот првично беше добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка беше утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапи во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, г. Сашко Лафчински.
Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.
Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.
Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации“, информираат од ЦУК.
Македонија
Муцунски во работна посета на Казaхстан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера. Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027.
Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Република Северна Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.
Македонија
МВР ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата на СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“.
„Потенцираме дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури.
Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, пишува во демантот на МВР.