Македонија
Здравство контра Беким Сали: Toj го одобрил приемот на амбулантите и исплатата за нив, да престане да манипулира
Беким Сали е последен што смее да каже било што за мандатот и неговата работа како Министер за здравство, а уште помалку да манипулира за случајот со модулатните амбуланти. Во својот краток мандат, Сали не реши ниту едно од отврените прашања поврзани со амбулантите, не изврши ниту една набавка за лекови навремено заради што страдаат пациентите и не остави ниту едно дело зад себе со кое го унапреди здравството. Oсвен тоа со непреземање, се блокирале процеси, реагира МЗ по прес-конференцијата на поранешниот министер за здравство Беким Сали.
– Во интерес на вистината, граѓаните треба да знаат точно што има преземено Министерството за здравство по однос на модуларните амбуланти и наследениот хаос кој Сали го остави. Беким Сали крие од јавноста дека со негово одобрение, е направен прием на три амбуланти од страна на министерството, а тоа се модуларните амбуланти во ЗД Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров. Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23.09.2022, 19.10.2022 и 22.2.2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати. Во прилог на ова соопштение ги праќаме сите документи како и одобрението и извештајот од надзорот. Значи, не министерот Меџити, не Владата или кој било друг, туку Беким Сали одобрил дека амбулантите се примени и треба да се исплатат. Потоа, Сали цели 8 месеци решил да спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици. Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба? Дали свесно сакал да изнуди нешто за себе или што точно сакал да постигне должи како одговор. Долгот кој во меѓувреме е акумулиран по основ на камати за доцнење е повеќе од 200.000 евра кои ќе треба да ги платат граѓаните, се наведува во соопштението на МЗ.
„Понатаму, министерот Меџити, по преземањето на функцијата, изврши ревизија на сите отворени постапки и долгови кои ги има министерството, меѓу кои долгот за одобрените и примените амбуланти од Сали. За овој случај, односно дали воопшто треба да се иницира плаќање, министерството направи писмена консултација со Државно правобранителство. Од таму е добиено писмено мислење дека амбулантите мора да се исплатат по приемот.
По оваа информација, Министерството за здравство достави информација до Влада за наодите и одговорите од Правобранителство, како и предлог како да се надмине спорот, а притоа, да не се исплати побаруваната камата и да се раскине договорот за преостанатите 7 амбуланти за кои не беше започната градбата.
Ова е вистината за постапката и Беким Сали треба да се срами што манипулира со јавноста и ги потпалува граѓаните. До овој момент, како што информиравме вчера, не е исплатено ништо за амбулантите додека Владата не донесе одлука за тоа“, велат од МЗ.
„Беким Сали сега е должен да каже зошто направил прием на амбулантите? Зошто не плаќал цели осум месеци и буквално не контактирал со никој на оваа тема? Дали сакал да изнуди нешто за себе од целата зделка?
Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за сите информации поврзани со овој случај, но манипулации и ситни политички поени нема да дозволиме некој да печали на оваа трагедија“, се додава во соопштението на МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

