Македонија
Здружението Е.Д.Е.Н. предлага субвенционирање фотоволтаици за борба против загадувањето

Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 година во земјава околу 3.000 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички (ПМ10 и ПМ2.5). Овој поразителен број е просекот за нашата земја во последните години. Истовремено приближно 400.000 наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија. Иако не постои безбедно ниво на загаденост, со намалување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 до стандардот на ЕУ би се избегнале повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.
,,Скопје е прв на листите по загаденост на воздухот во Европа, но не се далеку ни високоиндустријализираните зони како на пример Битола, Тетово, Кавадарци, Миладиновци. Неопходни се визионерски и солидарни решенија со кои институциите ќе ги заштитат граѓаните од загадувањето, но ќе бидат и подадена рака за оние кои тонат во сиромаштија и немаат основни услови за живот. Потребни ни се коренити промени во системот и потребни ни се функционери кои умеат и сакаат да ја однесат земјава во иднината – а иднина без одржлив развој – нема, соопшти Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Тие на 18 септември присуствуваа на Отворениот ден за иницијативи на граѓански организации: Консултација за „Програма за намалување на аерозагадување 2020“ на покана од Град Скопје.На владиниот состанок, на кој учествуваше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, како и останати претставници од МЖСПП и Градот Скопје, претставникот од Здружението Е.Д.Е.Н. ги изложи иницијативата за борба против загадувањето, но и против енергетската сиромаштија.
,,Мерките кои ние бараме да се вклучат во Програмата за намалување на аерозагадувањето 2020 е неопходно не само да стојат на хартија, но и доследно да се спроведуваат.
,,Сметаме дека мерката за субвенционирање инвертери како замена за печки e погрешна стратегија зашто така загадувањето само се префрла од сите други места во Битола поради зголеменото производство на струја во РЕК Битола, каде што последиците по човековото здравје се непроценливи со огромен број на заболени и смртни случаи предизвикани од загадувањето“ – истакна во својот воведен говор Марјан Калевски, претставникот на Е.Д.Е.Н.
Наместо инвертери нашиот предлог е да се субвенционираат фотоволтаици за домаќинства кои би добивале вистинска зелена енергија, а тоа би значело тројна добивка – намалени сметки, зелена енергија и помало загадување во Битола.Во прилог иницијативата која нашиот претставник ја изложи и ја застапуваше на владиниот состанок:
Прва фаза
1. Наметнување обврска за поставување фотоволтаични системи на индустриски капацитети
2. Поставување фотоволтаични системи на:
Државни институции и установи со приоритет на здравствени и образовни установи по хиерархиски редослед:
а) градинки, основни, средни, факултети
б) болници, амбуланти
в) културни центри/установи
г) останати објекти на државни/јавни институции
3. Субвенционирање фотоволтаични системи на објекти за индивидуално домување
4. Субвенционирање фотоволтаични системи на објекти за колективно домување
5. Наметнување обврзни високи стандарди за градежните компании – да се условат да градат исклучиво високо енергетски ефикасни објекти со фотоволтаични системи за ел. енергија или т.н. паметни објекти
Втора фаза
1. Наметнување обврска на индустриски капацитети за реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) со цел обезбедување на енергетска ефикасност
2. Реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на државни/јавни институции/установи со цел обезбедување на енергетска ефикасност
3. Субвенционирање на реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на објекти за колективно домување со цел обезбедување на енергетска ефикасност
4. Субвенционирање на реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на објекти за индивидуално домување со цел обезбедување на енергетска ефикасност”, се вели во соопштението.
Според заклучокот од здружениот ревизорски извештај издаден во јануари 2019 година од страна на Холандскиот ревизорски суд и Врховната ревизорска канцеларија во Полска, а во чијашто изработка учествуваа 15 врховни ревизорски институции од Европа, индустриските капацитети се едни од најголемите загадувачи на воздухот. По нив следуваат домаќинствата и останати комерцијални објекти.
Со иницијативата која на состанокот ја предложи здружението Е.Д.Е.Н. се цели да се отстранат ризиците предизвикани од објекти со несоодветна изолација кои згора на тоа се загреваат на високозагадувачки енергенси. Со спроведувањето на оваа иницијатива, земјава не само што ќе фати чекор со најнапредните технологии во светот, туку и потенцијално ќе застане пред портите на ЕУ како една од земјите со најмал јаглероден отпечаток по глава на жител. Како земја со огромен број на сончеви денови во текот на годината (280), проценката е дека сме меѓу првите земји во светот по киловат часови на сончево зрачење на квадратен метар, но за жал, меѓу последните земји според искористувањето на тој наш потенцијал.
Очекувани резултати доколку нашата иницијатива се спроведе сеопфатно и темелно се:веднаш видливо намалување на стапката на загаденост, особено во текот на зимските месеци кога има критични пикови на загаденост, во перспектива намалување на јаглеродниот отпечаток на земјата по глава на жител, намалување на сметките за електрична енергија на државните и јавни институции што ќе предизвика директно и веднаш видливо намалување на непродуктивни буџетски расходи и пренамена на тие средства за други социјални политики,намалување на сметките за ел. енергија на компаниите и домаќинствата што ќе придонесе за зголемена ликвидност на компаниите и покачен стандард за домаќинствата,намалување на дополнителните средства потребни за здравствени услуги кои сега изнесуваат 300 милиони евра годишно, а се потребни за покривање на лекувањето кај случаи на влошена здравствена состојба предизвикана од аерозагадувањето, соопшти Здружение за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.