Економија
Здружението на оштетените штедачи на ЕСБ банка: До кога државата ќе штити криминалци

Еуростандард банка не пропадна само поради математичка операција за одредување на стапката на адекватност на капиталот. Не. Таа пропадна поради масовен криминал од речиси 60 милиони евра, крадење на депозитите на физичките и на правните лица депоненти во банката, голема организирана операција во најголем дел спроведена во последните три години пред затворање на банката минатата година, се вели во соопштението од здружението на оштетените штедачи на ЕСБ банка.
Од здружението наведуваат дека набргу ќе помине една и пол година од ставањето клуч на банката. Нема никаква одговорност за никого. Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, уште минатата година јавно изјави дека преку Еуростандард банка се переле пари. Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција, во февруари годинава јавно изјави дека се гледа крајот на тунелот и дека се на добар пат да ја докажат одговорноста на сите вмешани страни што се дел од грабежот на банката. Но, сѐ уште нема ништо на повидок. Молчи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Како што е веќе познато, се работи за три групи носители на организираниот криминал во банката. Раководството на банката, Народната банка и фирми клиенти на банката преку кои се им поделиле парите на депонентите преку доделени неповратни кредити. Овие личности масовно одобрувале кредити иако не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика на банката. И сите овие активности биле будно следени од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим од Народната банка.
Во соопштението се вели дека релеватните државни институции, кои треба да го штитат јавниот интерес, за што се и платени од нашите пари, очигледно се појавуваат како сервис и заштитници на криминалците. Ненормалното стана нормално и обратно. Крадците станаа чесни луѓе, а сите ние депоненти, над 3.000 семејства, на кои личните парични средства им ги украдоа, сме виновни за вербата во системот што организирано не украде.
Здружението на штедачите јавно ги прашува овие државни институции кого заштитуваат. До каде е истрагата?
Одговорност мора да има и парите да им се вратат на оние на кои им се украдени. Само така може да се врати вербата во нормалното и во вредносниот систем, кој, за жал, е длабоко нарушен, се вели во соопштението на здружението на оштетените штедачи на ЕСБ банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со „Винската визија на Отворен Балкан” овозможуваме натамошен раст на винскиот сектор, на извозот како и на севкупната економија

Земјите од Отворен Балкан денеска заедно го промовираа најголемиот регионален саем за вино „Винската визија на Отворен Балкан”. Премиерот Димитар Ковачевски во присуство на претставници на Владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, земјите членки на Отворен Балкан, денеска во Скопје, се обрати на промоцијата на најголемиот регионален саем за вино и успешна винска приказна „Винската визија на Отворен Балкан”.
Минатата година, во рамките на Отворен Балкан виното беше промовирано како најзначаен производ на регионот, што беше потврдено на првиот вински саем „Винската визија на Отворен Балкан“, кој го имаше своето прво издание минатата година во Белград и предизвика огромно медиумско внимание. Во насока на јакнење на потенцијалот на овој заеднички вински саем, во периодот до неговото второ издание оваа есен, земјите членки организираат промоции на саемот низ регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека, земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно, и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем, „Винска визија на Отворен Балкан“ кој што прерастува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.
„Она што е резултат на Отворен Балкан сега веќе се гледа и низ бројки. Размената и трговијата помеѓу трите држави е зголемена за 25 проценти. Размената со Србија надмина 1.1 милијарда евра што е најголемо ниво во последните 17 години. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Воведовме зелени ленти за транспортерите за нашите три држави да не чекаат на границите. Воведуваме системи за електронска идентификација со која што работниците ќе можат слободно да се движат помеѓу нашите три држави. И практично ги спроведуваме трите слободи на ЕУ, тука кај нас, на Балканот така како што доликува. Ќе го повторам уште еднаш она што го кажав во Италија и што го кажав и пред тоа дека нашите држави се братски држави. Нашите граѓани заслужуваат да комуницираат помеѓу себе слободно. На нашите граѓани на трите држави не им требаат граници како што не им требаат граници на земјите од ЕУ, и затоа јас секогаш ќе бидам посветен на зголемувањето на соработката, на зголемувањето на комуникацијата, трговијата, зголемувањето на инвестициите во сите три држави бидејќи тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат“, рече Ковачевски.
Топло добредојде на делегациите од Србија и Албанија им посака и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
„Визијата која ја имавме пред неколку години, за тоа како треба да функционира Балканот, денес е наша успешна приказна. Регионот е обединет, со отворени граници со зголемена економска соработка и уште многу бенефиции за граѓаните од сите три земји членки на Отворен Балкан. Ако тргнеме од познатата изрека дека „Во виното е вистината“, ова е нашата вистина, сплотен, убав, прекрасен Балкан. Секогаш отворен и гостопримлив. Сите се добредојдени. Заедно да го славиме животот под ова сонце. Да уживаме во врвните вина и храната со единствен балкански вкус, по која сме препознатливи во светот. Да си ја чуваме традицијата и сите богатства со кои великодушно не обдарила природата. Ние сме генерација на политичари кои носат храбри одлуки. По тоа ќе бидеме запаметени, како генерација која ги отворила границите и создала иднина за целиот регион“, посочи министерот Николовски.
На настанот свои обраќања имаат и министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Јелена Танасковиќ, како и заменик-министер за земјоделство на Албанија, Ариан Јауплари, кои дадоа силна поддршка на промоцијата на „Винската визија на Отворен Балкан”.
На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори на трите земји, претставници на институции, бизнис заедницата и социо-економските партнери на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.
Економија
Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од г. Жак Минијан, којашто деновиве е во посета на нашата држава, оствари средби со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот од Народната банка. Покрај тимот од Вашингтон, на состанокот присуствуваше и резидентната претставничка на ММФ во Република Северна Македонија, Стефани Ебле.
На средбата стана збор за актуелните макроекономски остварувања во земјата, како и за очекувањата и проекциите на Народната банка за следниот период.
Шефот на Мисијата на ММФ, Минијан, истакна дека Народната банка има преземено навремени и соодветни мерки коишто придонесуваат за одржување на финансиската и ценовната стабилност. Затегнувањето на монетарната политика дава резултати, што може да се види од забавувањето на инфлацијата. Сепак, со инфлација којашто сѐ уште е висока и тука, и во странство, треба да се биде претпазлив, со што целосно се согласува и гувернерката. Од друга страна, ММФ ги пофали макропрудентните мерки преземени досега, коишто ја зголемуваат отпорноста на банкарскиот систем на можни ризици. ММФ го оценува банкарскиот систем како здрав и отпорен, со доволен капацитет за справување со можните шокови. Сепак, неизвесноста постои и од клучно значење е да се продолжи со водењето претпазливи политики.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на мерките преземени досега од страна на централната банка, преку затегнување на монетарната политика и системските мерки за зголемување на отпорноста на банкарскиот систем. Притоа, посочи на трендот на забавување на инфлацијата, постепеното стабилизирање на инфлациските очекувања, поволниот девизен пазар и сѐ поголемата денаризација на депозитната база на банките, како показатели за ефектите од досегашните мерки. Ангеловска-Бежоска особено го истакна банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен, додавајќи: „Билансите на нашите банки се солидни, високо капитализирани и ликвидни и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Сепак, и натаму е неопходно будно следење на состојбите и претпазливост.“
Во однос на макроекономските проекции на Народната банка, беа истакнати очекувањата за стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок, како и за постепено забавување на инфлацијата. Притоа, се разговараше и за ризиците за проекциите коишто главно произлегуваат од надворешниот сектор, како и за неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, беше посочено и на растот на платите, а особено на соодносот со растот на продуктивноста, како елемент што треба внимателно да се следи. Девизните резерви и натаму се соодветни и овозможуваат непречени монетарни реакции заради остварување на основната цел ‒ ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот.
На средбата беше изразено задоволство од постојаната соработка помеѓу Народната банка и ММФ.
Економија
Експертите препорачуваат: Само со научен пристап до одржливо лозарство отпорно на климатски промени

Климатските промени имаат сè поизразено влијание и затоа треба да преземат мерки за управување во процесот на производство на грозје и вино со цел да се добие подобар краен производ. Справувањето со влијанијата на климатските промени и долгорочниот опстанок и развој на винската индустрија се возможни само преку континуирана примена на стандарди, научни истражувања, мерења и практики за одржливо лозарство. Ова е една од клучните препораки на експертите што учествуваа на стручната конференција организирана од винарската визба „Тиквеш“ во рамките на тригодишниот транснационален проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“.
Покрај стручната конференција, „Тиквеш“ организира и теренска посета за претставниците на организациите што се дел од овој проект. Околу 30 гости од Норвешка, Словенија, Луксембург, Хрватска и Италија, како дел од активностите во рамки на проектот, ги посетија лозовите насади на „Тиквеш“ со цел да се запознаат со практиките за одржливост што ги применува винарницата и стекнатото знаење и искуство да го пренесат во своите земји.
„Ние во ,Тиквеш’ веќе некое време сме свесни дека за да ја зголемиме конкурентноста и препознатливоста на нашите вина во светот, неопходно е да ги менуваме досегашните практики во производството на грозје, да ја вклучиме науката и да ги земеме предвид климатските промени кои имаат сѐ поголемо влијание врз лозарството и врз целата винска индустрија. Истовремено, неопходно е интензивно да работиме на примената на ESG-стандардите кои се предуслов за натамошниот одржлив развој и паралелно да ја потврдиме нашата општествена одговорност, пренесувајќи ги нашите искуства и знаења на сите останати чинители од домашната винска индустрија“, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето воведно обраќање пред учесниците на конференцијата.
Нагласувајќи го значењето на научниот пристап во лозарството, како предуслов за производство на здраво и квалитетно грозје, професорот Алан Делоар од Институтот „Агро“ од Монпеље, Франција, порача дека во текот на целиот циклус на одгледување на грозјето, вклучително и при неговата берба, треба да се земат предвид факторите кои произлегуваат од влијанието на климатските промени, како што се: температурата на воздухот, изложеноста на лозовите насади на сончевото зрачење и секако соодветната количина на вода во почвата. „Овие фактори можат значително да влијаат на квалитетот на грозјето и неговата зрелост, а со тоа и на одредувањето на идеалните денови за берба на грозјето за што треба да се размислува на интегрален начин и тоа со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија“, вели професорот Делоар, кој има над тридецениско искуство во областа на лозарството, а повеќе од една деценија бил одговорен за лозовите насади на познатиот светски производител на шампањ – Moët & Chandon.
Во својата презентација, познатиот светски експерт и истражувач од винскиот научен центар при универзитетот Нова Горица од Словенија, д-р Гијом Анталик го акцентираше влијанието на климатските промени врз еволуцијата на винските стилови. Неговите истражувања потврдуваат дека климатските промени влијаат на свежината и на зголемувањето на нивото на алкохол во вината, а од друга страна пак трендовите покажуваат дека потрошувачите сѐ повеќе преферираат посвежи вина со помал процент на алкохол. Затоа тој препорачува при производството особено да се внимава на практиките за наводнување на лозјата и на деновите на берба, зашто тоа значително може да влијае на квалитетот на одредени почувствителни сорти грозје.
Консултантот Џовани Бигот, кој во стручните кругови е познат по својот пристап што се нарекува Precision viticulture (н.з. прецизно лозарство), ги истакна напорите и значењето на вложувањата на
„Тиквеш“ во дигитализацијата на мониторингот на агро-метеоролошките параметри за следење на болестите кај лозјата и мерењата на присуството и количината на вода кај лозовите насади, со цел навремена интервенција за заштита на лозовите насади.
За самиот проект, но и научниот пристап на „Тиквеш“ во производството на квалитетно грозје и вино говореше познатиот словенечки експерт д-р Клемен Лисјак кој веќе неколку години соработува со винарницата во развојот на нејзините истражувачки капацитети и трансферот на ново знаење и практики.
Во рамки на конференцијата беа претставени и предизвиците со кои се соочуваат производителите на грозје во различни вински региони во Хрватска, уникатноста на вината од регионот Зелен во Словенија, како и искуствата при воспоставувањето на центар за истражување и развој на производство на сајдер во Норвешка.
Проектот „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“ е финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка (EEA and Norway Grants Fund for Regional Cooperation). Целта на проектот е да го поттикне развојот на руралните области преку подобрување на заедничкиот истражувачки капацитет и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино и сајдер во избрани области на Словенија, Хрватска, Македонија и Норвешка.
ПР