Македонија
„Зелен хуман град“: Решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку нула отпад
Активистите на „Зелен хуман град“ реагираа на изјавата на премиерот за депониите оценувајќи дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со „Дрисла“ се погрешен пристап.
„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со ‘Дрисла’. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци, кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, велат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „според Европската комисија, меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.
„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух, од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.
Како решение тие го предлагаат концептот нула отпад, кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало (60-80 % од отпадот е биоотпад), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.
„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во соопштението се потсетува и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.
„На ‘Дрисла’ не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои, за несреќа, располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние граѓаните ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

