Македонија
„Зелен хуман град“: Решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку нула отпад
Активистите на „Зелен хуман град“ реагираа на изјавата на премиерот за депониите оценувајќи дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со „Дрисла“ се погрешен пристап.
„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со ‘Дрисла’. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци, кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, велат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „според Европската комисија, меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.
„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух, од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.
Како решение тие го предлагаат концептот нула отпад, кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало (60-80 % од отпадот е биоотпад), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.
„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во соопштението се потсетува и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.
„На ‘Дрисла’ не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои, за несреќа, располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние граѓаните ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНМ: Јавните институции мора да обезбедат еднаков пристап за сите медиуми
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира со осуда поради селективниот пристап на државната компанија МЕПСО при организирањето брифинг за медиуми, на кој не бил поканет медиумот ПорталиХ, иако токму оваа редакција претходно објави серија истражувачки стории поврзани со темите за кои се дискутирало на настанот.
„Сметаме дека ваквата практика претставува сериозно нарушување на принципите на транспарентност, еднаков третман на медиумите и правото на јавноста да биде неселективно информирана.
Недозволиво е јавни институции и државни компании да прават селекција на „подобни“ и „неподобни“ медиуми, особено кога станува збор за редакции што критички известуваат за прашања од јавен интерес.
Брифинзите и комуникацијата со медиумите не смеат да се користат како механизам за фаворизирање или исклучување на одредени редакции.
Институциите имаат обврска да обезбедат еднаков и недискриминаторски пристап за сите медиуми, без оглед на нивната уредувачка политика или критичкиот однос кон носителите на јавни функции.
Бараме одговорност и јавно објаснување од страна на МЕПСО за причините поради кои ПорталиХ не бил поканет на брифингот, како и јасна гаранција дека ваквата пракса нема да се повторува во иднина.
Апелираме дека во демократско општество, транспарентноста не смее да биде селективна, а критичкото новинарство не смее да биде причина за исклучување од јавни настани и комуникација со институциите“, велат од ЗНМ.
Македонија
Утре пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер низ земјата
Во текот на утрешниот ден времето во земјава ќе биде променливо облачно и нестабилно, со услови за локални врнежи од пороен дожд и појава на грмежи. На одредени места се очекуваат поинтензивни временски процеси, со пообилен дожд, почести електрични празнења и засилен ветер.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој дополнително ќе придонесе за поизразена промена на временските услови во текот на денот.
Температурите ќе се движат во интервал од 7 до 12 степени во утринските часови, додека дневната максимална ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје исто така се очекува променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе биде од северен правец, умерен до засилен. Температурата ќе се спушти до околу 12 степени, а дневната ќе достигне до 21 степен, јваува УХМР.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со сончеви интервали, но и понатаму нестабилно во одредени делови од земјата. Локално ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во понеделник и вторник се очекува дополнително засилување на ветерот, кој на места во западните делови може да надмине брзина од 60 km/h.
Фото: Depositphotos
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Во дворот на претседателскиот Кабинет, во присуство на основци од скопските училишта „Владо Тасевски“, „Димитар Миладинов“, „Исмаил Ќемаљи“ како и од „Блаже Конески“ од Прилеп, денеска се одржа церемонија на менување на државното знаме.
Учениците љубопитно и со почит ја проследија свеченоста што традиционално ја реализира Баталјонот за почести при Армијата, а потоа ги разгледаа просториите на Кабинетот, се запознаа и разговараа со претседателката за нивните желби, амбиции и училишни активности, како и за потребата од поголема грижа за личното здравје и животната средина, за другарувањето и негувањето на бон-тонот во секојдневната комуникација.
Низ разговорот и детските прашања се чувствуваше остроумноста на генерацијата којашто умее внимателно да набљудува и критички да размислува. Младите гости со зрелост, што на моменти ја надминуваше нивната возраст, изразија интерес за: предизвиците на претседателската функција, за омилените книги и хобија на претседателката, за традициите и културата, за убавините на македонските градови и села.
Сиљановска-Давкова ги охрабри да учат, да го негуваат истражувачкиот дух и да веруваат во своите способности, бидејќи секое успешно општество почива врз образовани, доблесни и емпатични млади луѓе, подготвени одговорно да придонесуваат за заедницата
На крајот од посетата, учениците ѝ подарија на претседателката прекрасни ракотворби, како потсетник на денешната средба, исполнета со ведрина, насмевки и ветување за ново дружење.
