Македонија
Зибери: Имаме 25 конкретни мерки за подобар живот на сите граѓани
Kандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, рече дека во неговата програма има 25 мерки, со кои, како што нагласи, ќе се подобри животот на сите граѓани, не само на Албанците.
„Пред една недела го презентирав мојот акционен план за моите први 100 дена како прв премиер Албанец, тука на истото место, пред зградата на Владата. Дваесет и пет конкретни мерки што ќе ги спроведам со најголем приоритет од првиот ден на функцијата. Дваесет и пет конкретни мерки, со кои ќе се подобри животот на сите граѓани, не само на Албанците“, рече Зибери.
Тој рече дека со неговиот план за еднаква економска преродба ќе создаде илјадници нови работни места и ќе се постигне еднаквост и во приватните компании.
„Данокот нула на приход за вработените под 35-годишна возраст ќе ги зголеми платите, но исто така ќе ги мотивира компаниите да вработуваат млади. Државниот придонес од 50 проценти од социјалниот придонес на новите вработувања, кои ја зголемуваат еднаквата застапеност, ќе создаде работни места, особено за Албанците, и ќе ги отстрани етничките бариери. Со грантовите од 20.000 евра за млади земјоделци, ќе се подржи земјоделството како еден од најважните столбови на нашата економија“, рече Зибери.
Меѓу другото, тој ја потенцира исто така и заложбата за обезбедување 20.000 евра државен заем за купување прв дом, со цел младите да ја изградат нивната иднина во оваа држава. „Ќе обезбедиме за секое семејство во оваа држава да има барем еден вработен и сигурен приход“, рече Зибери.
Вети социјални пензии за сите жени, кои никогаш официјално не работеле, но, како што рече, придонеле многу во градењето на нашата држава и нашето општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

