Македонија
ЗНМ најави протести доколку не се расчистат случаите на насилство врз новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) викендов одржа редовно неизборно собрание на кое беа дискутирани повеќе теми поврзани со работата на Здружението, како и проблемите со кои се соочуваат новинарите во последната година.
Собранието го отвори претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој во својот говор се осврна на работата на новинарите и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот и ги презентираше преземените мерки од страна на Здружението и донаторите во насока на помагање на новинарите за безбедно вршење на нивните работни задачи.
Соочени со огромниот процент на неказнивост во случаите на напади врз новинарите, Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници.
Во декларацијата се повикуваат институциите, политичките партии, како и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди.
„Законите што ја регулираат медиумската сфера треба да бидат во согласност со потребите на новинарите, медиумите и граѓаните, а не со центрите на моќ“, се вели во неа.
Од Основното јавно обвинителство во Скопје беше побарано да ја врши својата работа одговорно и отчетно кога се во прашање случаите за напади врз новинарите, сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници да бидат изведени пред лицето на правдата, додека за жртвите на ваквите криминални дејствија да биде обезбеден соодветен третман доколку е тоа потребно.
Дополнително извршната власт беше повикана да се вложи во креирање безбедна средина за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен каков било притисок за тоа што известуваат.
„Во случаите кога се напаѓани новинари нема речиси ниту еден решен случај, а државата потфрли и во случајот со 27 април. Десетици колеги беа брутално атакувани, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се осмелија преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги. Ова е недозволиво, кога политичари се напаѓаат институциите реагираат, а кога се нападнати новинари, функционерите се кријат во своите канцеларии, небаре сме некое општетствено зло. Остро реагираме на ова и дополнително, доколку продолжи игнорантскиот или обидот да се отфрлат нашите аргументи за оваа тужба, но и за сите други напади, најавувам дека ќе организираме протестен марш против двојните аршини со кои се третираат новинарите“, изјави Чадиковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

