Македонија
ЗНМ: Осуда за попречување на новинарската работа на екипата на КЛАН телевизија
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на вработена во болницата „8-ми Септември“, која го попречила новинарскиот тим на Клан телевизија при извршување на нивната работа. Ваквите обиди, велат од ЗНМ, за ограничување на слободата на информирање претставуваат директен напад врз медиумските слободи и правото на јавноста да биде информирана за прашања од висок јавен интерес.
Потсетуваат дека со последните измени на Кривичниот законик, нападите и попречувањата на работата на новинарите ќе се третираат како напад врз службено лице и соодветно ќе се санкционираат. Секој обид за заплашување, попречување или цензура на медиумските работници е неприфатлив и бара итна реакција од надлежните институции.
„Темата за проблемите на пациентите на дијализа и нивниот пристап до здравствени услуги е од големо значење за граѓаните на земјава и бара целосна транспарентност од институциите. Наместо да се спречува медиумското известување, здравствените власти треба да обезбедат отвореност и одговорност пред јавноста, особено кога станува збор за прашања што директно го засегаат животот и здравјето на луѓето. Ги повикуваме надлежните институции да ја истражат оваа ситуација и да преземат соодветни мерки за заштита на новинарите при извршување на нивните професионални задачи. Истовремено, апелираме до сите јавни функционери и вработени во институциите да ги почитуваат демократските принципи и да соработуваат со медиумите во интерес на вистината и транспарентноста“, велат од ЗНМ.
Слободата на медиумите е еден од темелите на демократското општество, а секој обид за нејзино ограничување е закана за правото на граѓаните да бидат информирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ: Директорката на „Козле“ не ги разбира обврските на именуваните функционери
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја осудува објавата на в.д. директорката на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, Каролина Симоновска во која таа забранува користењето на нејзиното име во медиумите и преуредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите.
„По серијата текстови во кои дел од медиумите пишуваа за состојби во Детската клиника Козле-Скопје, Симоновска во соопштение проследено до јавноста предупредува дека не дава согласност за користење на нејзиното име во медиумите со закана дека во случај на неовластено објавување на информации поврзани со неа, таа ќе поведе постапка и ќе преземе законски мерки.
ССНМ ја потсетува д-р Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста. Во исто време ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целиот случај го толкува како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите, а избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, ги потсетува дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици“, велат од ССНМ преку соопштение.
Македонија
Метеоролозите најавуваат врнежи од снег: до среда ќе се задржи северниот ветер
Времето утре ќе биде променливо облачно, во утринските и претпладневните часови во југоисточните делови ќе има повремена појава на слаб дожд кој ќе преминува во слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 2, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени, најавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно, во делови од котлината наутро магливо. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Преку ноќта и утре поради продор на постудена воздушна маса ќе има појава на слаб снег, а до среда ќе се задржи северниот ветер кој повторно ќе засилува. Во среда и четврток краткотрајно ќе биде стабилно, а во петок и на почетокот на викендот понекаде ќе има појава на слаб дожд, на планините понекаде ќе провејува снег. Утринските температури до крајот на работната недела ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Објавен прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа
Граѓанската организација Еко Логик го објави својот нов Прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа. Овој прирачник е уникатен и е наменет за сите кои сакаат да ги поврзат генерациите преку заеднички активности на отворено, учејќи и истражувајќи ја природата.
Покрај Прирачникот ќе следат и 8 интерактивни игри за различни возрасти, преку кои учесниците можат да учат за природата, дендрологијата, биодиверзитетот и многу повеќе. Овие игри се дизајнирани да бидат едукативни, забавни и лесно прилагодливи за различни групи, од деца до стари.
За кого е наменет прирачникот?
– Планинарски друштва
– Извиднички одреди
– Спортски клубови
– Семејства и групи од сите возрасти
Прирачникот е бесплатен и достапен за сите заинтересирани. Можете да го преземете на следниот ЛИНК.
Природaта е најдобриот учител, а овој прирачник може да биде сечиј водич за да се искористат неговите лекции за создавање трајни врски и спомени меѓу генерациите.
Проектот е финансиран од ЕУ, преку програмата Еразмус+