Македонија
ЗНМ: Партиските тензии кон новинарите се непотребни и контрапродуктивни – Ковачевски да не бара вина кај новинарите

Здружението на новинари на Македонија изразува сериозна загриженост поради изјавите на Димитар Ковачевски, кои како што велат во соопштението „создаваат непотребни тензии кон новинарите, особено во предизборен период“.
„Негативниот и агресивен политички говор кон новинарите ги зголемува ризиците од напади кон новинари, а воедно и го нарушува правото на граѓаните да бидат правилно информирани.
Појаснуваме дека на партиската трибина одржана на 19ти февруари Ковачевски се служеше со непристоен говор кон новинари, притоа ставајќи ги сите медиумски професионалци во ист кош, и меѓу другото кажа: „Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е… И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале“.
Партиските лидери мора да знаат дека вакви изјави можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период. Повторно укажуваме дека доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на конкретни медиуми или пак новинари, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации на партиски собири или јавно, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела и тоа до: Советот на честа при ЗНМ како и до Советот за етика во медиумите на Македонија и на тој начин тие да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди“, велат од ЗНМ.
„Освен ова, укажуваме дека од неодамна, а во соработка со ОДИХР, функционира Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси.
Координативното тело ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.
Секој може да поднесе претставка на [email protected] а претставките може да се однесуваат за ширење дезинформации (неточни, нецелосни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата и стандардите за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет“, соопштува Здружението на новинари на Македонија.
Од таму апелираат до сите политички субјекти да ја почитуваат улогата на новинарите но и на смиреност, дијалог и почитување на медиумската слобода и професионалноста, кои се клучни за демократското општество и фер избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.