Македонија
ЗНM: Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на „Фокус“ во случајот против Мијалков
Оваа пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур доаѓа откако домашните судови пресудија дека уредничката на ,,Фокус“, Јадранка Костова, и новинарот Владо Апостолов треба да му платат над 9.000 евра штета на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, за изнесена клевета и навреда, посочуваат од Здружението на новинарите на Македонија.
Од таму додаваат дека според пресудата на Стразбур, која беше објавена денеска, правосудните органи во Македонија го прекршиле членот 10 – слобода на изразување од Европската конвенција за човекови права, а на тужителите, уредничката Костова и новинарот Апостолов, им е одредена нематеријална штета од 3.000, односно 1.250 евра.
„Апликацијата беше поднесена во 2016 година откога новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК за што му платија штета над 9.000 евра. Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник ‘Фокус’, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Постапката ЕСЧП беше застапувана во име на новинарите од страна на адвокатската канцеларија ‘Медарски’ од Скопје.
ЗНМ во 2014 година сметаше дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта, а изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари.
ЗНМ тогаш апелира дека судот воведува неприфатлива пракса новинари да се осудат за клевета поради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш повеќето од изјавите на јавни личности не треба да се објавуваат.
Во 2014 година во контекст на овој случај ЗНМ успеа за помалку од десет дена преку солидарната акција да собере најголем дел од потребните 9.000 евра колку што новинарите на весникот „Фокус“ треба да му исплатат на директорот на УБК, Сашо Мијалков, за нанесената нематеријална штета“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

