Македонија
Иванов: Љубиша Георгиевски се бореше за македонската кауза

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство по повод смртта на режисерот, писател и политичар Љубиша Георгиевски. Иванов во писмото вели дека ја примил веста за смртта со голема тага и дека Георгиевски се борел за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања.
„Со смртта на Љубиша Георгиевски загубивме голем интелектуалец, уметник и патриот. Со своето уметничко дело остави неизбришлива трага во македонскиот театар и филм инаугурирајќи се во креативен и мислечки бард на македонската уметност и култура. Зад него останаа повеќе од 160 театарски претстави и неколку играни филмови кои ја издржаа критиката на времето. Љубиша Георгиевски со својата луцидност, творечка храброст и човечка доблест беше наша гордост и инспирација“, вели Иванов.
Тој оценува дека Георгиевски во текот на политичката и дипломатска кариера мошне одговорно и креативно ги одиграл своите улоги на претседател на Собранието и амбасадор во Софија и во Белград каде што ревносно ги бранел државните интереси на Република Македонија.
„Како член на мојот Совет за меѓународни односи, тој даваше мудри совети и промислувања за клучните прашања за Република Македонија. И преку својот уметнички и преку општествениот ангажман до крајот на својот живот, Георгиевски се бореше за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања. Вечно ќе сме благодарни за сè што направи за Република Македонија и за наследството што ни го остави и кое ќе остане патоказ и светлина за идните генерации. Вечна му слава и нека почива во мир“, вели претседателот во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.