Македонија
Идните рудари и инженери од Македонија, Хрватска и од Норвешка на практична обука во „Булмак 2016“

Компанијата „Булмак 2016“ од Пробиштип, која управува со рудниците „Злетово“ и „Тораница“, активно вложува во образованието преку практична настава и опремување стручни кабинети во средните училишта. Во партнерство со училиштата „Наум Наумовски-Борче“ (Пробиштип) и „Коле Нехтенин“ (Штип), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“, компанијата овозможува реална обука за ученици и студенти од геолошко-рударската, машинската и од техничката струка.
Секоја година над 30 средношколци и десетина студенти добиваат можност да учат директно во производствените погони, облечени во рударска униформа и со ламба во раката – симбол на нивниот прв чекор во професијата. Практичната настава се реализира со сертифицирани ментори од областа на рударството, геологијата, електротехниката и машинството.
„Булмак 2016“ не обучува само млади од Македонија – туку и студенти од Хрватска и од Норвешка, кои преку научни екскурзии добиваат можност да се запознаат со современите рударски технологии и процеси. Оваа интернационална соработка ја позиционира компанијата како регионален центар за практична инженерска обука.
Покрај теренската обука, „Булмак 2016“ активно поддржува и опремување стручни кабинети во училиштата, овозможува стипендии за ученици, а за студентите од повисоките години – вработување и поддршка за магистерски и за докторски трудови.
Со оваа програма компанијата не само што го продолжува рударското наследство во регионот туку создава генерации млади инженери и техничари подготвени за современи предизвици – дома и во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Побаран притвор за четири лица за пожарот на отпадот во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на сите докази прибрани во предистрагата до овој момент, денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.
Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.
Имајќи ги предвид дејствијата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.
Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.