Македонија
Изложени идејните архитектонски решенија за проектот „Училиште во парк“
Четиринаесет архитектонски трудови изработени од студентите на Архитектонскиот факултет, во соработка со стручните служби во општината, од вчера се изложени на увид на јавноста во новоотворениот Културно-социјален простор „Јадро“, во Општина Центар.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, поздравувајќи ги присутните и посакувајќи им успех на учесниците, синоќа во КСП „Јадро“ ја отвори изложбата на архитектонските трудови.


Како дел од проектот „Училиште во парк“, студентите по архитектура и стручната општинска администрација изминатиот период изработија идејни архитектонски решенија за таканаречен Центар за деца од претшколска возраст и основно образование. По завршувањето на изложбата, општинска комисија ќе ги разгледа сите предложени проекти и ќе го избере најдоброто решение, кое ќе се изведе кај спортското игралиште „Партизан“ во Градскиот парк.



Проектот за Центарот за деца од претшколска возраст и основно образование вклучува изведба на градинка и основно училиште, со зачувување на постојното спортско игралиште. При изработката на трудовите од страна на авторите беше запазено просторот за најмладите да биде функционален, но истовремено и атрактивен.
Изложбата на трудовите ќе трае до 3 март, во КСП „Јадро“ (урбана заедница „Дане Крапчев“), прв простор од ваков тип, кој по пат на јавно приватно партнерство функционира како центар наменет за реализирање на програмите на независната културна сцена, но и на поширокиот граѓански сектор, во кој можат да ги развиваат своите идеи, особено во областа на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Македонија
Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и со дрога и имотни деликти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете.
Како што рече, вчера, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што полицијата веднаш излегла на терен. Министерот посочи дека на настанот претходела пријава. Во 12:05 часот имало пријава и бил извршен разговор со Ивана. Таа, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која, како што рече Тошковски, починатата ја потпишала.
„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Тошковски соопшти дека лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и дека ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во однос на неговото минато, министерот изнесе детали дека во изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Според податоците што ги соопшти, кај него во еден од случаите биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост.
Тошковски рече дека најголем број од предметите поврзани со семејно насилство се затвораат затоа што жртвата се повлекува.
„Треба максимум да сториме да ги охрабриме жртвите да пријават и случаите да бидат процесуирани до крај“, рече Тошковски.
Тој најави дека Министерството ќе се фокусира максимално на секој ваков кривично-правен настан, особено кога се констатираат видливи физички повреди, при што, како што посочи, треба да се разгледа можноста жртвата да не може да се повлече од пријавата доколку се утврдат такви повреди.
„Ако жртвата повторно се повлече, полицијата ќе има проблем за докажување. Но ако се ангажираат центрите и се охрабрат граѓаните да зборуваат гласно и јавно, нема да има вакви ситуации“, изјави Тошковски, додавајќи дека не тврди оти полицијата постапила совршено, и дека истрагата ќе се спроведе максимално во детали за да се утврди што точно се случило.
Додаде и дека отсега секој што ќе биде посочен дека е сторирел на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица.

