Македонија
Изречени 23 парични казни на продавници за храна, уништени триесеттина килограми небезбедни производи
Сто деведесет и два (192) вонредни надзори во малопродажни објекти – мини маркети и продавници за храна, спроведоа минатата недела инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство.
Контролирана беше исполнетоста на хигиенските барања за безбедност на храната, здравствени барања за вработените лица, температурниот режим на чување на храната, како и дефинираните рокови на трајност на производите, велат од АХВ.
Со контролите утврдено е дека 12 од нив воопшто не биле регистрирани во Агенцијата како оператори со храна, во 9 објекти вработените лица немале извршено задолжителни здравствени прегледи, кај исто толкав број оператори, не задоволувале хигиенските барања за безбедност на храната.
За утврдените недостатоци, издадени се вкупно 30 решенија со наредени мерки за нивно отстранување, а изречени се и 23 парични казни.
Уништени се триесеттина килограми небезбедни производи (замрзнато месо, млечни производи, преработки од месо) и над 66 литри јогурт, додаваат од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Доцни исплатата за породилно отсуство
Цел месец нема исплата на надомест за породилно отсуство. Мајките кои се на породилно отсуство, жени што родиле, кои се во најчувствителниот период по породување, се оставени без средства што им следуваат по закон, велат од Левица.
„Во држава со мизерни плати и сѐ поскап животен стандард, каде голем дел од семејствата едвај го туркаат месецот, вакво доцнење не е банална административна грешка, туку сериозен удар врз егзистенцијата. Најпогодени се самохраните мајки и семејствата каде мајката е единствениот вработен или носител на приходот. За нив, породилното не е додаток, туку основа за преживување“, велат од партијата.
Според Левица, особено лицемерно е што истата таа власт секојдневно зборува за демографија, за зголемување на наталитетот.
„Не може да повикувате на раѓање деца, а да не сте способни навреме да исплатите породилно. Не може да се гради демографска политика со празни флоскули додека мајките чекаат на исплата до последен ден од месецот. Доколку Владата има капацитет навреме да исплаќа функционерски плати и привилегии, тогаш мора да има капацитет и навреме да ги исплати мајките. Сѐ друго е доказ за погрешно поставени приоритети“, велат од партијата.
Левица бара итна исплата на заостанатото породилно и јасен одговор од надлежните – дали станува збор за финансиски проблем, лошо буџетско планирање или елементарна неспособност.
Македонија
СДСМ: Граѓаните сè знаат за Груби, нема што да прашуваме
Нема зошто да прашуваме за Груби кога се знае сè, ние знаеме сè, граѓаните знаат сè, велат од СДСМ.
„Кога прашуваме за пет тони дрога – добиваме одговор Дубаи.
Кога прашуваме за авион – добиваме скокови во далечина.
Кога прашуваме за платите на работниците – добиваме Венеција.
Кога прашуваме за обвинителството – добиваме Сент Мориц.
Кога прашуваме за Орбан, енергетиката, 4ИГ, медиумската мрежа во сопственост – добиваме Харис Џиновиќ.
Кога прашуваме за часовници – добиваме Струмица.
Кога прашуваме за мигранти – добиваме Декрет за забрана на говор“.
Единствено кога прашуваме за Душан Адамовиќ, почесниот конзул, нагласуваат од опозициската партија и зошто Владата поставила човек со криминално досие, тогаш молк.
„Тезите ви се исклучиво ад хоминем, де јуре се е во ред со Адамовиќ а де факто – молк“.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови

