Македонија
Имплементирање на препораките од оценската мисија за Судскиот совет

Во досегашното спроведување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија беа лоцирани одредени недостатоци за чие надминување од страна на оценската мисија на Европската Унија беа дадени конкретни предлози. Министерот за правда формира работна група за изготвување закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија во согласност со дадените препораки од оценската мисија на Европската Унија, известува Министерството за правда.
Како што информира Министерството, работната група одржала 23 состаноци, на кои беа адресирани релевантните препораки од оценската мисија.
„Во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство предвидено е ревидирање на одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постпаката, органот/телата што ќе постапуваат и правото на жалба.
Исто така, во стратегијата е предвидено да се постапи во согласност со препораките од извештајот од оценската мисија на Судскиот совет. Целта на законските измени е да се зајакне независноста на судството, како и професионалноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет.
Најважни новини што се предлагаат во предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, а се засновани врз основа на насоките на оценската мисија на ЕУ се:
1. На огласот на Собранието на Република Северна Македонија за избор на член на Советот свои предлози за член да даваат:
– Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдоброрангирани универзитети во државата;
– Адвокатската комора на Република Северна Македонија со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години.
2. Зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите;
3. Зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието на Република Северна Македонија;
4. Регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието на Република Северна Македонија следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси;
5. Воведување изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица;
6. Воведување на правило во согласност со кое, за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од гласачите што гласале“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски на состанокот на контакт групата за Украина, за првпат реализирана под водство на Обединетото Кралство

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел во рамки на предвидените состаноци на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина, кој за првпат се реализира под водство на Обединетото Кралство.
На состанокот предводен од секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хили, на кој учествуваа министри и високи претставници на 50-тина земји, генералниот секретар на НАТО Марк Руте како и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, фокус беше поддршката на Украина.
Од започнувањето на агресијата врз Украина, македонската Влада досега има донесено 15 (петнаесет) одлуки за хуманитарна и воено-техничка помош и поддршка на Украина и украинскиот народ како земја која ја брани својата независност и територијален суверенитет и во континуитет се залага за почитување на меѓународното право и правен поредок.
Престојот во Брисел продолжува и утре со состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана и состанокот на Советот НАТО- Украина.
Македонија
Врнежи од снег кај Маврово, Плетвар, Попова Шапка и Крушево, засега не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот

Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Маврово и на планинските превои Буково, Ѓавато и Плетвар, додека врнежи со среден интензитет се бележат на Попова Шапка и во Крушево, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, соопштија од АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Инцидент во Шутка: Градоначалникот Курто Дудуш навредувал скопски инспектор

Вчера околу 10.30 часот З.Г., инспектор во град Скопје, пријавил во СВР Скопје дека на ул.2бб во близина на дива депонија, при вршење на службени дејствија за вршење на надзор и подигање на мостри, дошле две лица и еден од нив (К.Д. -градоначалник на Шуто Оризари) почнал да ги навредува него и неговите колеги и да им се заканува и го попречувал земањето на мостри.
Се работи на расчистување на случајот.