Македонија
Инспекторатот за животна средина: Рудникот „Казандол“ не претставува опасност

Рудникот „Казандол“ во моментот не претставува опасност за животната средина и локалното население, соопшти Државниот инспекторат за животна средина, кој на 4 мај извршил надзор на локацијата на рудникот по претставка на граѓански организации од Валандово, кои побарале да се утврди дали има потенцијална опасност за животната средина и околните населби имајќи предвид дека не е познато во каква состојба се отворените копови и цистерните за сулфурна киселина.
Од ДИЖС потсетуваат дека Владата во 2018 година еднострано го раскина договорот за концесија поради неисполнување на условот од договорот од страна на концесионерот во рок од две години од добивање на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда.
Оттогаш нема активности на локацијата, а изградбата беше запрена. Објектите и опремата на локацијата се чуваат од страна на поранешниот концесионер. Покрај физичкото обезбедување, почната е стечајна постапка, која не може да продолжи бидејќи во тек е постапка за арбитража иницирана од страна на поранешниот концесионер, кој побарува оштета од државата.
Од Инспекторатот соопштуваат дека на надзорот било утврдено оти резервоарите за складирање сулфурна киселина се празни.
„Објектите и опремата се сè уште во добра состојба, освен што е откорната и оштетена покривната конструкција од производната хала. На отворено се чуваат заштитната фолија во ролни и вреќите со минерална подлога за заштита на подземните води, а се поставени на одлагалиштето на кое требаше да се врши лужење руда со сулфурна киселина. Под одлагалиштата се лоцирани повеќе ископи за јаловишта и хавариско езеро. Првиот ископ е обложен со заштитна фолија и е исполнет со вода, а во езерцето има жив свет, додека другите ископи не се исполнети со вода. На теренот – во објектите и надвор од нив, нема складирано хемикалии“, соопшти Државниот инспекторат за животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.