Македонија
Инспекторите за една недела извршиле 4.822 контроли, затворени два локала кои не ги почитувале мерките против Ковид-19
На денешната редовна прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, ги презентираше податоците од минатонеделните контроли на инспекциските служби во периодот од 9 до 15 ноември.
Во овој период, инспекторатите спровеле вкупно 4.822 контроли, од кои 1.754 биле надзори.
Притоа, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период извршил 80 надзори, врз основа на кои се изречени 6 решенија. Овој инспекторат којшто задолжен е и за издавање на решенија за изолација, минатата недела издадал вкупно 13.676 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) минатата недела извршил 3.068 контроли и 619 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето и др.
При контролите на ДПИ е констатирано дека два угостителски објекта ги прекршиле здравствените протоколи, при што на истите на самото место им е изречена мерка за привремено затворање.
Освен ова, ДПИ во посочениот период издаал и уште 62 решенија и 38 прекршочни платни налози за прекршување на материјалните закони.
Државниот инспекторат за труд, во изминатите 7 дена извршил 550 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствените протоколи во делот на одржување на дозволено растојание, станици за хигиена, дезинфекција и друго.
Притоа, Инспекторатот изрекол 24 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи и издал 8 прекршочни платни налози поради констатирано прекршување на Законот за заштита на населението од заразни болести, конкретно поради неносење заштитни маски на работно место.
Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД минатата недела спровела 26 надзори во аптеки во целата држава. Надзорите се извршени по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од коронавирус и издавање на антибиотици. Притоа, издадена е една опомена за погрешно означување на надворешното пакување на заштитни маски.
Агенцијата за храна и ветеринарство, извршила 399 надзори, при што издадени се 12 решенија и 19 едукации, по основ на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистриран објект и небезбеден производ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

