Македонија
Инспекторите открија низа пропусти во работењето на погони во Стакларница
Државниот инспекторат за животна средина изврши контрола во кругот на Стакларница, во присуство на државен, градски и општински инспектор, поради тоа што има инсталации кои спаѓаат под различна надлежност.
Државниот инспектор изврши надзор во 6 инсталации, од кои три печатници, два погони за складирање и третман на отпад и едно складиште за хемикалии (погон за складирање на отпадно стакло и производство на стаклен гранулат, како и склад за старо железо, благородни метали, батерии и акумулатори).
При увидот во печатниците беше констатирано дека досега воопшто не била спроведена обврската од одобрените елаборати, која наложува да се вршат мерења на испарливи органски соединенија. Тие беа задолжени тоа да го спроведат, во присуство на инспектор.
Погонот за производство на стаклен гранулат беше задолжен отпадот од прозорската столарија, кој преостанува по сечењето на рамно стакло што се користи како суровина, прописно да го отстранува, наместо да го чува во кругот. Исто така, ситните честички што како отпад се создаваат од производството на стаклен гранулат и се чуваат во џамбо вреќи надвор од погонот, треба прописно да ги складираат и предадат на овластена компанија.
Утврдено беше и дека складиштето за хемикалии не поседува одобрен елаборат за заштита на животната средина и се даде обврска тој да се изработи во најкус законски рок. Овој елаборат треба да го одобри општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јакимовски: Презедов општина со 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход
Презедов општина со 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход, изјави ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовсски.
„На оваа последна прес конференција како градоначалник на општина Карпош сакам да им ги соопштам следните информации на жителите на Општина Карпош: На 4 ноември, 2021 година, кога стапив на функкцијата од мојот претходник наследив: 330 милиони денари блокирана сметка и уште една блокада од УЈП на 39 милиони денари, или вкупна блокада на 369 милиони денари Да потсетам, Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони, или толку биле вкупните приходи. На денешен ден, четири години и три дена потоа, оставам општина со: 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, судски пресуди кои уредно се сервисираат“, рече тој.
Јакимовски кажа дека до денес, Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари.
„Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход“, рече тој.
Јакимовски рече дека во моментот во Карпош се гради само една висококатница и два објекта во Момин Поток и три помали објекти од пет ката.
„За разлика од нас, има општини во кои во моментот се градат над 80 станбени згради повисоки од шест ката. Ова само покажува колку сме биле вешти во менаџирањето на приходите и како општина Карпош, со покачување на даночните приходи успеа да ја стабилизира општината и од истата да направи самоодржлив проект“, кажа тој.
Македонија
Муцунски: На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот
Денес, во Музејот на град Скопје, беше одбележан Денот на Обединетите нации кој годинава се совпадна со 80-годишнината од основањето на ОН, во знак на заедничката посветеност на народите кон мирот, безбедноста, човековите права и одржливиот развој.
Свечениот настан, организиран во соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата, ја истакна важноста на мултилатерализмот и партнерството во решавањето на глобалните и регионалните предизвици.
Во своите обраќања, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа, заеднички ја потврдија посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН и кон продолжување на соработката во насока на зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.
Овогодинешното одбележување има за цел да ја потсети меѓународната заедница на потребата од зајакнување на меѓусебната доверба и солидарност, особено во време на бројни предизвици што го засегаат секој дел од светот.
По тој повод, Република Северна Македонија ја реафирмира својата посветеност на принципите и вредностите на Повелбата на Обединетите нации, на унапредувањето на човековите права, одржливиот развој и мирот, како и на континуираното партнерство со системот на ОН во земјата.
„На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот, во меѓународното право и во едноставната вистина дека глобалните предизвици можат да се решаваат само заеднички,“ истакна министерот Муцунски.
Тој додаде дека државата останува максимално посветена на глобалните процеси и ќе продолжи да ги промовира клучните вредности на Обединетите нации и да биде доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.
Министерот потсети дека темата на годинешното одбележување е „Промовирање на мирот, единството и глобалните партнерства“, при што упати признание до сите кои во светот несебично се залагаат за ширење на вредностите на Организацијата: оние кои работат за одржување на мирот и стабилноста, заштита на обесправените, борба против сиромаштијата, климатските промени и сите форми на дискриминација.
„Честитајќи го овој ден, уверувам дека остануваме посветен и доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на Обединетите нации,“ додаде Муцунски.
Македонија
Од понеделник 50 автобуси се вклучуваат во јавниот превоз
Од понеделник 50 автобуси се вклучуваат во јавниот превоз, а до Нова Година уште дополнителни 20, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник на градот Скопје, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред, а тоа е дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици“, рече Ѓорѓиевски.
Најави дека до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што, како што кажа, јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран.
Ѓорѓиевски, исто така, најави дека до март следната година, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе бидат обезбедени уште 80 нови автобуси.

