Македонија
Историската комисија со Бугарија беше злоупотребена за партиски цели и интереси во двете земји, велат поранешните членови

Поранешни членови на македонскиот тим во комисијата за историски прашања помеѓу Македонија и Бугарија, до медиумите испратија став поради, како што велат, неоснованите изјави на премиерот и претставници на Владата поврзани со нивната работа. Ова се случува откако Владата го промени составот на македонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија.
Ставот на поранешните членови го пренесуваме во целост:
„1. Работата во Комисијата, која е експертско, а не политичко тело, за нас беше можност да се помогне во надминување на проблемите кои постојат помеѓу двете држави. Но, поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот копретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји. Во јавноста се наметна уверувањето дека Комисијата треба да биде тело во одбрана на „националните интереси“, докажување на „историски вистини“ и решавање на историографски прашања. Идејата дека Комисијата преку позитивните примери на слични комисии во Европа треба да помогне да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија кои очигледно ги држат во заложништво граѓаните и граѓанките на двете држави, беше целосно игнорирана.
2. Дел од политичарите и од интелектуалците, а посебно историчарите, од лукративни и политички причини, но и од незнаење, ја прифатија реториката и пристапот на бугарската страна со што во јавноста, без никакви аргументи, беше наметнат впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и дека прави ревизија на македонската историографија. На тој начин, нашето општество наивно влезе во стапицата на националистите во Бугарија и нивната намера да наметне дискусија за овие прашања низ призма на политички интереси. Со тоа, всушност, ја пропуштаме шансата да се отвори сериозна академска дебата во која ќе може отворено да дискутираме за минатото и надвор од влијанијата на политички групи кои изминатите децении профитираа од злоупотреба на историјата. Да се дебатира отворено е очигледно тешко за дел од македонската интелектуална јавност.
3. Во минатото Комисијата беше постојана мета на политички мотивирани напади од бројни медиуми и политички партии и нејзината работа беше искористена за остварување политички цели. Тие напади продолжија до денес, а минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно и за еден премиер и за еден професор. Со иста порака е и коментарот на министерот за надворешни работи и надворешна трговија од 5.9.2024 г., со кој Комисијата ја прогласи за политичко тело кое треба да штити стратешки надворешно политички позиции. На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна.
На иста линија со изјавите на премиерот и неговите министри, во јавноста се објавија текстови кои се „обидуваат“ да ја дообјаснат политичката одлука на Владата со манипулации и невистини дека Комисијата „произвела“ два протоколи кои, всушност, се усвоени од Владите на двете држави; дека членовите на Комисијата на 15. средба на која не е донесена никаква одлука, наводно, отстапиле од македонските црвени линии усвоени во Собранието во јули 2021 г., итн. Ваквата безобѕирна пропаганда која е далеку од професионалното и одговорно информирање, всушност, придонесува уште повеќе за поделба на македонското општество.
4. На крајот, имајќи ја предвид сегашната состојба, неопходна е промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, нешто што ние го баравме постојано од првата средба на Комисијата која се одржа на 2 и 3 јули 2018 г. На тој начин ќе се создадат услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата“, се вели во нивниот став.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.