Македонија
Истражување на СЕММ: Најчести прекршувања на новинарските стандарди за време на пандемијата
Сензационалистичкото известување во медиумите, недоволната заштита на приватноста и личните податоци и отежнатиот пристап до информации се меѓу најчесто пријавуваните проблеми до советите за етика во медиумите во регионот на Балканот и Европа во периодот на пандемијата. Ова се дел од наодите од анализата што ја спроведе Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во периодот јули – септември годинава, анализирајќи ги искуствата на медиумските саморегулаторни тела – членки или придружни членки на Алијансата за независни совети за етика во медиумите во Европа (АИПЦЕ), каде што полноправно членува и СЕММ.
Истражувањето на СЕММ, коешто е прво од ваков вид во глобални рамки, денеска го објави и УНЕСКО.
„Задоволни сме што преку проектот финансиран од ЕУ го поддржавме објавувањето на ова истражување. Во УНЕСКО силно веруваме дека советите за етика имаат критична улога во одбраната на слободата на изразување и во адресирањето на проблемот со дезинформациите. Ова особено се потврдува за време на криза. Сепак, зголемена е загриженоста за влијанието на пандемијата и последиците од проблемот што ќе го има финансиската криза во медиумите врз иднината на овие совети. Се надеваме дека со анализата на СЕММ ќе се зголеми свесноста за потребата од обезбедување финансиска стабилност“, истакна Аделин Хулин од канцеларијата на УНЕСКО во Брисел.
Советите за етика периодов, неретко, добивале и жалби за известување во насока на теориите на заговор:„Коронавирусот е проект, не е неизлечив, имаме ‘лек’! Вирусот е патентиран во 2015 година“. „Кликбајт“ наслови од типот „Коронавирусот не може да преживее“, ,„Лек за коронавирусот почнува да се продава од утре“ се дел од новинарските текстови за коишто биле поднесени жалби до босанскиот Совет за етика.
Со ширењето на пандемијата, се зголеми и загриженоста околу заштитата на приватноста и заштитата на податоците во медиумското известување. Случаи во кои биле нарушени овие принципи многу често се пријавувале до советите за етика во медиумите во повеќе држави. Во Советот за етика во Ирска биле пријавени случаи кога одредени весници објавиле имиња на лица заразени со Ковид-19, што предизвикало негативни реакции во јавноста. „Сепак, весниците беа многу внимателни и ги идентификуваа само оние лица коишто се согласиле на тоа. Можеби секогаш постои аргументот за јавниот интерес, но идентификувањето на поединците е избрзан чекор“, нагласуваат од ирскиот Совет за етика.
Во одредени држави имало реакции и на објавувањето фотографии од медицински лица. Таков пример е регистриран во саморегулаторното тело во Велика Британија ИПСО. Самиот здравствен персонал укажал дека во услови кога се под екстремен притисок и поминуваат низ многу тешки времиња ваквото однесување е нападно. „За нас, како саморегулаторно тело, беше интересно прашање за тоа какви се правата на медицинските работници во овие околности, бидејќи во нормални услови би им објасниле дека се во фокус на јавноста и се претставени во професионално светло, а тоа не е во доменот на приватното“, нагласуваат од ИПСО.
Пристапот до информации беше клучниот проблем со кој се соочуваа медиумите и новинарите за време на пандемијата, што се рефлектираше и врз работата на советите за етика. Споделените искуства потврдуваат дека здравствените институции и властите го ограничувале протокот на информации, како и пристапот на новинарите до локациите, селектирале што може да се објавува или ги ограничувале прашањата кoи новинарите можеле да ги поставуваат, а притоа биле од јавен интерес. Некои институции во одредени држави го забранувале присуството или селектирале кои медиуми ќе бидат поканети, што го ограничува пристапот до информации, како за медиумите, така и за граѓаните.
За справување со овие нови ситуации во едно комплексно време, имајќи предвид дека во некои држави корона-кризата се поклопи со одржување и на избори, како што е случајот со нашата држава, соработката и партнерството со граѓанскиот сектор, медиумите и нивните асоцијации, со институциите и граѓаните, се покажа како мошне значаен механизам за советите за етика. Мултисекторската соработка меѓу ситезасегнати страни е во согласност со некои од клучните препораки на меѓународните организации за заштита на слободата на изразувањето и информирањето во време на криза.
Интегралната анализа на СЕММ е достапна на следниов линк: https://semm.mk/pravna-ramka-4/publikacii/791-19 .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

