Македонија
Истражување: Oд 16.691 хосипитализација поради ковид, 1.114 се регистрирани по вакцинација

Вакцините против Ковид-19 се високо ефективни и во македонската популација во спречување тешка болест и смрт. Вакцините од различните производители немаа големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од Ковид-19, но имаа разлики во спречување хоспитализација. Една доза вакцина против Ковид-19 е недоволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат најмалку две дози вакцина.
Како што соопшти Министерството за здравство, ова се првични, прелиминарни резултати кои се дел од тековно истражување на вакциналната ефективност во македонската популација. Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.
Во првична сеопфатна анализа на ефективноста на ковид-вакцините во спречување хоспитализација и смрт кај македонската популација биле следени сите корисници на националниот електронски здравствен систем „Мој термин“ од денот на првата регистрирана вакцинација (15 јануари 2021) до 30 септември 2021.
Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари беа вклучени во анализата, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1 106 566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41.33 отсто биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37.78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот „Pfizer/BioNTech“ и вакцината „CoronaVac“ на производителот „Sinovac“.
Анализата покажува дека вкупно 30 136 лица биле хоспитализирани од Ковид-19 од почетокот на епидемијата во Северна Македонија (26.2.2020) до 30.9.2021, од кои 6 542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена по хоспитализација. Сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи.
-Од 15.1.2021 до 30.9.2021, од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација, кај 701.148 целосно вакцинирани (0.159 отсто), додека 15.577 хоспитализации биле регистрирани кај 1.119.139 невакцинирани (1.391 отсто). Грубата процена на ефективноста на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 88.727 отсто (95 отсто интервали на доверба (ИД): 88.017- 89.400 отсто), се наведува во анализата.
Постарата возраст и машкиот пол, како што се наведува, значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените. Поради тоа што популацијата вакцинирани беше во просек речиси 10 години постара од популацијата невакцинирани и затоа што вакцините од различни производители се нудени на различни возрасни групи, процената на ефективноста беше коригирана за пол и возрасни групи (граѓани од 65 години нагоре наспрема помлади од 65 години). Со тоа, коригираната ефективност на примени две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 90.604 отсто (95 отсто ИД: 90.018- 91.166 отсто).
Според анализата, две дози од ковид-вакцината „BNT162b2“ на производителот „Pfizer/BioNTech“ покажала највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена од вакцината „ChAdOx1-S“ (производител „AstraZeneca“) и вакцината „CoronaVac“ (производител „Sinovac“), сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините „BBIBP-CorV“ (производител „Sinopharm“) и „Gam-COVID-Vac“ (производител „Gamaleya Institute“) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но се уште имаа висока ефективност, над 80 отсто.
Во анализа на 65 837 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител, се покажало значително пониска ефективност во спречување хоспитализација од Ковид-19. По корекција за пол и возрасни групи, тоа изнесуваше 40.918 отсто (95% ИД: 35.912- 45.644).
Според анализата, во периодот од 1 јануари 2020 до 30 септември 2021 умреле вкупно 42.970 од 1.886.124 испитаници на возраст од 11 години и постари. Од овие, 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3 947 биле смрт од регистрирана Ковид-19 (22.145 отсто). Просечната возраст на умрените лица од Ковид-19 изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години, а најстариот на 99 години.
Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи на Ковид-19 во периодот 15.01.2021-30.09.2021, само 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712.587 лица кои биле целосно вакцинирани (0.0251 отсто), додека 3.642 смртни случаи беа регистрирани кај 1.106.574 лица кои биле невакцинирани (0.329 отсто). Со тоа, како што се наведува, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од Ковид-19 изнесуваше 92.39 отсто (95% ИД: 91.159- 93.486%).
-Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеја и врз ризикот од смрт од Ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имаа речиси двојно поголем ризик од смрт од Ковид-19, а мажите имаа околу 28 отсто поголем ризик од жените да починат од Ковид-19. По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од Ковид-19 изнесуваше 94.064 отсто (95% ИД: 93.661- 94.448%), покажува анализата.
Според анализата, сите вакцини покажаа висока ефективност, над 91 отсто, во спречување смрт од Ковид-19. За разлика од претходната анализа во спречување хоспитализација, вакцините „BBIBP-CorV“ (производител „Sinopharm“) и „Gam-COVID-Vac“ (производител „Gamaleya Institute“) покажаа многу мала разлика во пружањето заштита од смрт од Ковид-19 споредбено со останатите вакцини. Вакцината „BBIBP-CorV“ (производител „Sinopharm“), како што се наведува, имаше малку пониска ефективност од останатите вакцини во спречување смрт од Ковид-19, која е незначителна.
Во анализа на 66.942 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител се покажала значително пониска ефективност во спречување смрт од Ковид-19, која коригирана за пол и возрасни групи изнесуваше 39.140 отсто (95% ИД: 34.476- 43.562).
Од ресорното министерство посочуваат дека истражувањето е на доброволна основа, истражувачите немаат конфликт на интереси и немаат примено финансиски надомест за истражувањето
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.