Македонија
Исчистен паркот спроти „Нова Македонија“
Денеска, во раните утрински часови во координирана акција на инспекциските служби на Општина Центар и Министерството за внатрешни работи, беше расчистен јавниот простор спроти зградата на „Нова Македонија“, познат и како Паркот на новинарите.
Акцијата беше спроведена по теренска проценка и по пријава од страна на центарци, кои изразија сериозна загриженост за безбедноста и изгледот на просторот. Жителите пријавија случаи на нарушување на јавниот ред и мир, поставени шатори и физички пресметки, за кои постојат и видео-снимки кои се доставени до општината.

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека јавните простори мора да се користат согласно нивната намена и ги охрабрува сите граѓани навремено да пријавуваат неправилности до надлежните служби.
„Притоа, се водевме и од социјалната димензија на проблемот – на терен беше затекнато и едно лице со посебни потреби, што дополнително ја нагласува потребата од институционална поддршка. Иако Министерството за социјална политика, демографија и млади не беше дел од денешната акција, сметаме дека е морално и неопходно да се вклучи во понатамошниот процес за да се обезбеди соодветна грижа за ранливите категории. Јавниот простор мора да остане чист, безбеден и достапен за сите“, изјави Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

