Македонија
Иџет Мемети се спогоди со Обвинителството
По спроведената постапка, а пред поднесување на обвинителен предлог, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог – спогодба со осомничениот И.М. за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од 1 до 5 години. Претходно, со поднесената иницијатива за спогодување, осомничениот И.М до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави и поднесена неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието на РСМ. Странките се согласија на осомничениот И.М. за стореното кривично дело да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од 3 (три) години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело.
Соочен со прибраните докази, осомничениот И.М. со самото потпишување на предлог – спогодбата ја призна вината, односно не го спори кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција. Според описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата тој, по претходен договор со првоосомничениот Н.Г. го искористил своето реално влијание, службена положба и углед како заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија и на неутврден датум, во текот на месец април и мај 2024 година, преку Н.Г. му пренел на сведокот дека наводно интервенирал да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши – поднесување на обвинителен акт во врска кривична постапка против таткото на сведокот осомничен за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик. За кривичниот предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против таткото на сведокот, И.М бил претходно запознаен од страна на Н.Г. При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет апликацијата Ватсап Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодба со осомничениот – татко на сведокот. Притоа на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од 5 (пет) години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција, соопшти Обвинителството.
Осомничениот И.М. во присуство на неговиот бранител свесно и доброволно ја прифати Предлог – спогодбата и последиците што произлегуваат од неа и се откажа од правото на жалба доколку се донесе Пресуда со која се прифаќа предлог- спогодбата.
Предлог-Спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.
Истражната постапка против две лица беше започната на 20 мај годинава кога врховен судија беше фатен in flagranti во извршување на кривичното дело. Со оглед на фактот дека со дејствијата на Н.Г се исполнети законските битија на квалификаторниот облик на кривичното дело од чл. 359 од став 7, за кое е запретена казна затвор од 1 до 10 години, по поднесена иницијатива за спогодување и од осомничениот Н.Г., во тек е постапка за склучување предлог спогодба со која би се утврдила ефективна казна затвор, а за исходот јавноста ќе биде навремено известена.
Предлог – спогодбата како институт се користи при постоење на признание за вина, па тогаш правилата на постапката се поедноставени, не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е едноставна, брза и ефикасна бидејќи судот треба само да ја изрече санкцијата. Една од причините за прифаќање на спогодувањето за кривичната санкција е настојувањето да се скрати траењето на кривичната постапка во случаите кога фактичката состојба е неспорна за обете странки, кога обвинителството располага со доволно докази во однос на кривично-правниот настан, при што и без изведување на прибавените докази судијата ќе може да донесе основана, законита и правична пресуда, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали
Времето денеска, претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег. Попладне облачноста ќе се намали. Уште од ноќта ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 70 km/h) и засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 2 до 11 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно, од пладне сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Утре во претпладневните часови времето ќе биде променливо облачно со повремен снег претежно во западните делови. Уште од преку ноќта ќе дува умерен, а особено долж Повардарието засилен северен ветер (над 70 km/h).
Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури и со услови за појава на магла по котлините.
Македонија
(Видео) Прокисна инвестицијата од 350 милиони евра, со кофи се собира дождовница во трговскиот центар„Дајмонд“
Со кофи вечерва се собираше вода дождовница на последниот кат од трговскиот центар „Дајмонд“„
Центарот чија проектна вредност како што беше најавено при неговото отворање достигнува 350 милиони евра и нуди вработувања за над илјада лица од разни сектори попушти по вечерашниот дожд кој во попладневните часови го зафати главниот град.
Одговорните своевремено преку него најавија инвестиција од која ќе живне економијата и ќе се отворат нови работни места.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.