Македонија
И седмоодделенците ќе имаат учебници од септември, МОН и БРО најдоа преодно решение
По неколкудневни разговори Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изнајдоа решение за непречена реализација на воспитно – образовниот процес за учениците од седмо одделение. Од септември тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение, извести МОН.
Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени.
Министерството за образование и наука изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи и до сите кои учествуваа во процесот на изнаоѓање решение и очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација.
Информираме дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.