Македонија
И сметководителите ќе протестираат со угостителите, туристичките агенции и игротеките
Комората на сметководители се приклучува кон протестите на Туристичко-угостителската комора
Од Комората на сметководители велат дека години наназад реагираат на репресивната улога на Министерството за финансии и неговата улога во уништувањето на сметководствената професија.
„Помпезното најавување цела година на работна група за креирање нов Закон за вршење сметководствени работи, повторно се сведе на целосно нетранспарентно и нестручно подготвување на нов нацрт-закон кој нема допир со реалните потреби на сметководителите. Револтирани од долгогодишната злоупотреба на позициите од овие лица, а по претходно доставена реакција за која не добивме одговор, Комора на сметководители одлучи од утре, четврток, 22.4. 2021, од 12 часот, да се приклучиме на протестите пред Министерство за финансии, организирани од ТУК сè до исполнување на нашите барања“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.
Првото барање кое го адресираат сметководителите се однесува токму на изготвување нов закон за вршење сметководствени работи кој ќе обезбеди заштита на фелата и ќе гарантира права наспроти обврските, но истиот да се креира и донесе во инклузивен и транспарентен процес без обиди за манипулации од структурите во Министерство за финансии.
„Повеќе од една година како се справуваме со здравствено-економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19, каде недостигот на соодветна и навремена поддршка придонесе за илјадници компании да престанат со вршење дејност и десетици илјади загубени работни места. Со жалење констатираме дека истата судбина ги очекува и дел од над 1.800 претпријатија од сметководствениот сектор доколку продолжи игнорантскиот однос од страна на институциите за надминување на проблемите. Имајќи предвид дека токму сметководителите се единствената врска меѓу државата и стопанството и спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше реализирано токму преку нас, затоа е неопходна и потребата од директна финансиска поддршка за зачувување на дејноста. Сето ова затоа што ликвидноста ни е на алармантно ниско ниво поради намалената економска активност и тешката наплата на побарувањата “, истакна Митковски и објасни дека за надминување на состојбите се потребни неповратни финансии за сите друштва и трговци поединци од дејноста, поделени во 3 категории според број на вработени.
Државните институции наметнуваат рокови до кои ригидно се држат ставајќи го прибирањето на статистичките податоци над дигнитетот и добросостојбата на фелата и граѓаните кои работат во оваа професија, велат сметководителите. Како што доаваат, ограничените човечки ресурси и кратките рокови сред пандемија само дополнително ги акцентираат недостатоците на системот, па оставени сами на себе сметководителите вложуваат натчовечки напори и работат деноноќно да постигнат се во рок, по цена на сопственото здравје и живот.
„Постапките што со месеци се одолговлекува со прибирање ситни политички поени во обиди за надмудрувања, сметководителите треба да го сработат во нереални рокови, притоа без наплата на трошоци и разни надоместоци затоа што не постои соодветна регулација на пазарот. Затоа бараме системско решение за пролонгирање на рокови за годишни сметки и даночни пријави, флексибилност и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок. Од овие причини, но и поради револтот акумулиран од непочитување на нашата професија, Комора на сметководители ги повикува сите сметководители и овластени сметководители, сите граѓани и здруженија кои ни даваат поддршка, во 12 часот пред Министерството за финансии да го изразиме нашиот револт до исполнување на нашите барања. Времето за преговори одамна помина, празните демагогии за задоволување на суетите ја доведоа сметководствената професија на маргините во општеството. Сè што можеме е да го подигнеме нашиот глас и да се избориме со ригидноста на институциите за местото што ни припаѓа”, изјави Андреева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

