Македонија
Кабинетот на Сиљановска ќе побара објаснување од Радев за знамето
Реакции во земјава предизвика вчерашната фотографија од средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија, каде изостануваше македонското знаме.
Кабинетот на Сиљановска соопшти дека фотографирањето не било однапред предвидено и ќе побара објаснување од бугарската страна.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинет на Давкова.
Претходно денес СДСМ ја опиша средбата како дипломатски дебакл. Од опозициската партија констатираа дека Сиљановска и министрите во Софија биле пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кривичната од МВР е политички мотивирана, градежната дозвола за тениските терени е од времето на Груевски, тврди општина Карпош
По повод информацијата дека Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против една скопска општина и пет лица вработени во Секторот за урбанизам и правното лице од Скопје поради сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, велат од општина Карпош.
„Секторот за урбанизам и правниот сектор во општина Карпош со индигнација ја отфрлаат оваа кривична пријава на МВР, истата ја сметаат за тенденциозна и злонамерна и политички мотивирана.
Имено, стручните служби од општина Карпош предметот за легализација на спортските објекти на Александар Палас со внимание го имаат разгледувано, и истиот е решен согласно законските прописи. Општина Карпош категорично тврди дека легализацијата е законита за овие спортски објекти затоа што за се’ што се издава одобрение за градба се врши легализација, а за истите објекти правното лице Александар Палас има одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски за кое не го спровеле во катастар.
Дополнителен аргумент е фактот што за тениски терени изградени на територија на општина Карпош во времето на Никола Груевски е издадено одобрение за градба.
Во општина Карпош работат квалитетни искусни службеници кои совесно си ги вршат своите работни обврски и убедени се дека истата кривична пријава ќе биде отфрлена како недопустлива од причини што надлежните општински органи правилно ги утврдиле фактите и извршиле легализација согласно законските прописи кои ги донела Владата на Никола Груевски“, се наведува во соопштението на општина Карпош.
Македонија
Тошковски на средба со шефот на канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оствари работна средба со шефот на канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов.
На средбата беше потенцирана добрата соработка во изминатиот неколкугодишен период, како и заеднички постигнатите резултати, а беа разменети мислења во однос на поважните тековни прашања, со осврт на можностите за натамошна соработка.
И двете страни изразија уверување дека соработката ќе продолжи и ќе се продлабочува.
Скопје
Асфалтирање краци од улицата 500 во Марино, општина Илинден
Во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта со засилено темпо се одвива градежната експанзија за подобрување на патната инфраструктура Општина Илинден во сите населени места.
Денес се асфалтирани два крака 11 и 12 од улица “500“ во Марино со вкупна должина од 250 метри. Покрај асфалтирањето на овие улици, се подготвуваат за асфалтирање уште два крака 6 и 7 исто во населено место Марино.
На терен меѓу граѓаните додека се асфалтираше беше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека Општина Илинден посветува големо внимание на одржувањето на патната инфраструктура. Овие улици претходно беа оштетени поради изградбата на фекална канализација, а сега се асфалтираат со цел подобрување на парната инфраструктура и квалитетот на животот на граѓаните.
Финансиските средства се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден.