Македонија
Странски државјанин кој починал во стан во Кавадарци посмртно позитивен на вирусот
Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести во Скопје во изминативе 24-часа починалo едно лице од Куманово на возраст од 73 години.
Во својот стан во Кавадарци било пронајдено починато лице на возраст од 44 години, кај кого постхумно е земен брис и истиот вчера потврдил присуство на вирусот. Станува збор за странски државјанин.
Со ова во текот на изминатиот ден регистрирани се две жртви од Ковид-19 од земјава, а бројот на починати се искачи на 28.
Во изминатите 24 часа, регистрирани се и 18 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови: Скопје – 7, Куманово – 2, Прилеп – 4, Битола – 2, Кавадарци – 1 (починатиот 44-годишник), Крушево – 1 и Кочани -1.
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во:
Скопје – 261
Куманово – 130
Дебар – 49
Штип – 20
Прилеп – 38
Тетово – 29
Струга – 28
Велес – 10
Битола – 8
Охрид – 3
Кавадарци – 3
Гостивар – 4
Гевглелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка – 3
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 18
Од Клиниката за инфективни болести во Скопје денеска се испишани 5 оздравени пациенти, кои по два негативни контролни бриса, во добра општа состојба заминуваат дома. На оваа Клиника примени се 4 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои 7 пациенти се на механичка вентилација.
Во болницата „8 септември“ примени се 4 нови суспектни пациенти на коронавирус. Вкупната бројка на позитивни и суспектни на Ковид-19 во оваа болница е 26 пациенти, од кои 8 се во тешка состојба, а 3 пациенти се на респираторна машина.
Во болницата во Штип нема нови примени пациенти на болничко лекување. Во моментов се хоспитализирани 4 пациенти, од кои 1 пациент со средно-тешка клиничка слика со пневмонија и 3 стабилни.
Во болницата во Битола исто така нема прием на нови пациенти. Во моментов 4 пациенти кои се на хоспитален третман се стабилни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

