Македонија
Казни за две лица што за Курбан-бајрам правеле веселба со 80 гости

Обвинителството предложи казни за две лица што за време на верскиот празник Курбан-бајрам во својот двор организирале семејна веселба со 60 до 80 гости.
Со тоа двајцата постапиле спротивно на одлуката за забрана за одржување и собирање масовни собири и настани на отворен и затворен простор од секаков вид, со која се опфатени и јавни и приватни собири.
Поради непостапување според здравствените прописи, за нив предложени се парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра во денарска противвредност.
Обвинение е поднесено и против две други лица, од кои едното е косовски државјанин. Спротивно на одлуката и протоколите за отворање на угостителските објекти за исхрана, со кои се забранува организирање прослави во отворениот и затворениот дел од објектот, тие организирале прослава по повод свршувачката на синот на еден од обвинетите во угостителскиот објект во сопственост на другиот обвинет. На прославата присуствувале 15-ина гости, информираат од Обвинителството.
Против 18 лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози поради непочитување на одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија. Имено, за време на тогаш важечкиот полициски час лицата без дозвола се движеле на разни локации во градот. За овие обвинети до надлежниот Основен кривичен суд Скопје предложени се парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност од 20 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чад се шири од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора, Ангелов смирува: Нема опасност за куќите во Чучер
Големи облаци чад се шират од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора. Забележливи се и од градските улици во Скопје, но сосема јасно се гледа каде чади од скопската обиколница, посебно од делот кај Волково.
Освен пожарот кој избувна синоќа над магистралниот пат кон Блаце во близина на Скопје, чад се крева од повисоки делови.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојаче Ангелов, попладневно од Чучер-Сандево испрати видеопорака во која вели дека нема опасност за куќите.
„Се наоѓаме веднаш над селото Чучер кое што е делумно загрозено од пожарот што избувна вчера во попладневните часови, но во овој момент, од она што можам да го видам нема реална опасност по околните куќи иако има неколку куќи кои се буквално во шума. Благодарение на храбрите локални жители и благодарение на две екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита и една екипа на Национални шуми, во овој момент нема опасност за селото и нема потреба за ширење паника. Паниката не ни помага“, рече директорот Англеов.
Тој се заблагодари на локалното население кое активно се вклучило во гасењето на пожарот покрај пожарникарите. Кажа дека манастирот Св. Никита, за кој на социјалните медиуми се ширеа вести дека е загрозен, е далеку од огнот. Ангелов вели дека дури и да почне да се шири огнот натака, ќе му требаат неколку часа за да стигне до манастирот, а на терен има и пожарникари и локално население.
„Пред малку беше ужасно, сега моментално е малку смирено. Моментално нема опасност за селото. Опасно беше над манастирот и во регионот каде што се викендиците“, вели локалецот Љубиша Стојковски кој го гаснел пожарот.
Додека тие зборуваа се слушнаа неколку експлозии за кои Стојковски објасни дека доаѓаат од сртот на планината каде што е забрането да одат луѓе.
Се уште се шири и пожарот кај Блаце кој избувна вчера, а попладнево Министерството за внатрешни работи целосно го сопре сообраќајот во делот Стенковец – граничен премин Блаце и го затвори граничниот премин.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со независни советници: реафирмирана потребата од постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик

Независните советници сметаат дека со актуелните измени на Изборниот законик коишто предвидуваат обврска за собирање повеќе од 1% потписи од електоратот за поднесување независни кандидатски листи во некои општини, се доведуваат во нерамноправна положба во изборниот процес.
За нив, горенаведените измени се противуставни како од процедурален заради скратената постапка, така и од материјален аспект заради дискриминацијата.
Тие очекуваат од пратениците законско решение што ќе води сметка за уставно загарантираната еднаквост на пасивното и активното избирачко право на секој граѓанин, поттикнување на политичкиот плурализам и овозможување фер и демократски избори.
Претседателката ја реафирмираше потребата од инклузивна постапка во функција на постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик, почитување на меѓународните изборни принципи, правила и добри практики, како и водење сметка за одлуките на Уставниот суд.
Македонија
Поради пожар, целосно прекинат сообраќајот кон граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи известува дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Блаце.
„Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот“.
Апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираат јавноста.