Македонија
Каракачанов: Ако Македонија продолжи да се однесува како ментор на Бугарија, уште долго ќе чека за ЕУ

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, во интервју за БТВ рече дека Македонија можно е уште долго да чека за влез во Европската Унија.
„Доколку Македонија продолжи да се однесува како ментор на Бугарија и како земја која ги определува условите, уште долго време ќе чека за влез во Европската Унија“, изјави Каракачанов.
Според него, Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да ги почитуваат условите, а во таа насока Каракачанов укажа на бугарската национална безбедност.
Рече дека Скопје води инает и има претензии за бугарската историја.
„Не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да кажеш: ‘ама ние имаме идентитет со векови’“, вели Каракачанов.
Тој додаде дека македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: ВМРО-ДПМНЕ катастрофлано потфрла во справување со пожарите, лани изгореле 95.000 хектари

Состојбата со пожарите во државата е алармантна. За само едно деноноќие се регистрирани над 50 пожари, а веќе со денови горат планини, шуми и пасишта на повеќе локации низ државата. Гори во Берово, Прилеп, Катланово, Петровец, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Желино, Старо Нагоричане, Македонски Брод, вели Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, потфрли целосно во справување со пожарите и оваа година исто како и лани.
„Статистичките податоци покажуваат драматични, аларманти податоци. Минатата година, изгореле 95,181 хектари во Македонија. Дури 8 пати повеќе отколку од просекот во последните 17 години.
Најстрашно од се е што бројката на изгорена површина на Македонија во 2024 година – 95.181 е далеку поголема од бројките во една Шпанија, Италија, Франција, кои по површина се поголеми од нашата татковина.
По она што се случува оваа година, трендот за жал оди во нагорна линија.
Изгорени се повеќе од 20% од вкупната површина на шуми и пасишта. Тоа значи уништена природа, загрозени животи, имоти и здравје на граѓаните.
Наместо брза и координирана реакција, гледаме катастрофална неспособност на власта во справувањето со пожарите.
Се доцни со интервенции, нема доволно лица на теренот, нема нова опрема, нема нови противпожарни возила, нема доволен број пожарникари“.
Според него, иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе бидеме најподготвени досега, гледаме, како што рече, дека тоа било уште една голема лага.
Оценува дека наместо нови возила, Владата на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 7 милиони евра за службени мобилни телефони.
„Колку противпожарни возила ќе се купеа со тие 7 милиони евра?
Нема ниту нова опрема, нема нови системи за гасење, ниту нови авиони. Наместо тоа, гледавме расфрлање со парите на граѓаните – за скапи приватни летови, луксузна морска храна, папаја и манго.
Нема нови вработувања на пожарникари, нема ниту зголемување на платите за хероите што се борат со огнот, затоа што приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се партиските вработувања и вдомување на партиски кадар.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги одбива сите конкретни предлози на СДСМ. Последен пример е ребалансот на Буџетот – не прифатија да се обезбедат 500 милиони денари за зголемување на бројот на пожарникари, за нивни плати и за нова опрема.
Тоа е страшно, жално и крајно неодговорно“, истакнува Јанковиќ.
Ги повика институциите да се разбудат и да почнат да работат.
Како што нагласи, ова не е време за ПР. Ова е време за итно мобилизирање ресурси, време да се заштитат животите и имотите на граѓаните.
Македонија
(Видео) Лефков: Доколку Бугарија е искрена, нема зошто да ескивира од заедничка резолуција пред ЕП за заштита на македонскиот идентитет и на јазикот

Се уште очекуваме став од Бугарија за предлогот на претседателот Мицкоски, за заедничка Резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик пред ЕП, мистакна на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние го изнесовме овој предлог од две причини: Доколку Бугарија е искрена, и не го оспорува нашиот идентитет и јазик, тогаш ќе прифатат и заедно ќе ја поднесеме Резолуцијата.
Доколку Бугарија не е искрена, тогаш ќе ескивира по секоја цена“.
Во моментот сме сведоци, додава Лефков, дека Бугарија бега од идејата, а со тоа покажува став кон Македонија, кој не е демократски, не е добрососедски, ниту пак е човечки.
„Гласините кои ги слушаме од некои кругови во Бугарија, го отсликуваат наративот кој Русија го има кон Украина, со целосна негација на нашата самобитност.
Ние знаеме кои сме и целиот свет знае кои сме. Но, фактот што Бугарија го негира тоа, и сака во темел да ги поткопа основните човекови права, дава јасен знак дека сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и ќе остави ли ЕУ да бидеме жртва на политики од 19 век, политики на негација на самобитноста исти по размер како тие Русија што ги применува врз Украина“.
Македонија, нагласува Лефков, е пред се добар сосед, држава членка на НАТО, држава која дала и дава свој придонес кон европската безбедност и единствено нешто кое го сакаме, како што рече, како народ, е да бидеме почитувани и да имаме третман како сите останати.
Македонија
(Видео) Државата се брани со сојузници и опрема, први во регионот потпишавме партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, вели Муцунски

Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во видео објавено на социјалните мрежи, укажува за важноста и придобивките од безбедносното партнерство со Европската Унија, при што ја потенцира важноста што нашата држава е прва од регионот што потпиша вакво партнерство со ЕУ.
„Државата не се брани со зборови. Се брани со сојузници, опрема и знаење. Заедничките вредности не се декларираат, се штитат и се живеат“, вели Муцунски.
Тој нагласува дека преку ова партнерство државата добива 15 милиони евра поддршка за Армијата, модерна опрема, обука, комуникациски системи и отпорност на нови закани, и дека ова е само почеток.
„Кон што целиме? Посилна армија. Вистинска безбедност и сигурност за граѓаните. Европска интеграција што не е само збор, туку реалност“, потенцира Муцунски.
„Ова не е симболика – ова е стратегија што ја живееме. Со дела“, порачува тој.
Минатата година државата потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ во Брисел го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.