Македонија
Карпошани учествуваат во креирање на општинскиот буџет
Во насока на поголема транспарентност при формирање на општинскиот Буџет за 2026 година, Општина Карпош од денеска започна иницијатива во која директно ги вклучи своите граѓани во планирање со овој процес. По тој повод, градоначалникот Сотир Лукровски, Секретарот на Општината Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот Христо Саракинов, денеска остварија работни средби со жителите од урбаните заедници „Кузман Јосифовски Питу“, „Пецо Божиновски Кочо“, Нерези, Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.
„Во рамки на координативните средби, граѓаните имаа можност непосредно да го информираат раководството на локалната самоуправа со нивните потреби и барања, со цел решавање на проблемите на пошироката локална заедница. На тој начин општинската администрација ги нотираше предлозите на граѓаните од овие населени места, а најприоритетните предлози ќе бидат интегрирани проекти, односно во Буџетот за 2026 година и во Програмите за работа на општинските Сектори. На самата дискусија присуствуваа и членови на Советот на Општина Карпош, кои исто така посочија на неколку акутни проблеми со кои се соочуваат жителите од урбаните населби“, соопштија од општината.
Во тој поглед, најчести забелешки од граѓаните беа упатени во врска со проблеми со фекалната и атмосферската канализација, комуналната инфраструктура, потребата од поголем број на паркинг места и реновирање на неколку сервисни улици.
„Карпошани апелираа до локалните власти да го известат Министерството за внатрешни работи, за потребата од поголемо присуство на полициските службеници на теренот, како и за изнаоѓање на соодветни сообраќајни решенија за зголемување на безбедноста на пешаците. Конкретни предлози од жителите пристигнаа и за соодветно одржување на блоковското зеленило и јавната хигиена, а повеќе забелешки од граѓаните беа упатени во насока на остварување на нивните лични права од легализација со градежното земјиште, а поврзани со актуелните детални урбанистички планови“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

