Македонија
„Катаклизма е комплимент за она што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор“, му одговори Мицкоски на Филипче
„Ќе ве потсетам, август 2017 година нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда и пол денари и некаде приближно 380 милиони денари на сметката на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати, приближно дата на пресек 7-8 август 2017. Во 2024 во август 7 % состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола, нула откриен јаглен, на депонија околу 20-30 илјади тони, неремонтирани блокови во Битола, неремонтирани во Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од 150 милиони евра. Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството“.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање на Венко Филипче за тоа зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата.
Што се однесува на поскапувањето на струјата Мицкоски го упати Филипче да го праша новиот член на раководството на СДСМ кој е брат на претседателот на РКЕ, кое пак е независно тело.
„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски којшто е брат на претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. РКЕ по закон, по Устав е независно тело. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставите на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет или како и да ви се вика Одбор на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавноста со поскапување над 5%, над 10%, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти претпоставувам дека тие исто така можат да ви дадат одговор“, потенцираше Мицкоски.
Што се однесува на обвинувањето на Филипче дека ништо не се направило за година ипол во енергетскиот сектор и дека истиот се уништува, Мицкоски го потсети Филипче дека 50 луѓе се под истрага или се водат судски процеси за уништување на тоа што било оставено од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.
„Е сега околу енергетските капацитети. Изминативе година ипол повеќе од 50 луѓе коишто го уништувале тоа коешто е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите, ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Е сега дали можеби кога зборите за енергетските капацитети мислите и на компании коишто во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови коишто ги возеа со полномоштво на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборите за уништување на енергетскиот систем или мислите за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства коишто не се потребни за да се делат провизии за високи поранешни функционери од редовите на СДСМ во Вардарскиот Регион во Пелагонискиот Регион итн“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

