Македонија
Кирацовски: Како поединци не сме битни, кадровските промени во СДСМ се за заедничко добро
„Синоќешните одлуки на ЦО на СДСМ се за заедничко добро и само во партија каде што има висока свест, демократска култура, другарство, визија, заемна доверба, во еден ден едногласно можат да се донесат крупни одлуки на кадровски промени. Како поединци, не сме воопшто битни, кога станува збор за општото добро на граѓаните, на членството. Нашите функции и кариери се помали од нашиот интегритет и подготвеноста да се ставиме во функција на повисоките, заеднички цели”, порача на социјалната мрежа „Фејсбук“ досегашниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, кој синоќа беше разрешен и на неговото место беше назначен министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Во продолжение го пренесуваме интегрално статусот на Кирацовски:
„Продолжуваме заедно напред. Независно кој на која позиција и во која улога ќе биде, продолжуваме заедно кон мисијата да обезбедиме подобар живот за сите граѓани.
Во тешки услови и преку долгогодишна борба за правда и демократија, како тим, заедно успеавме да го поразиме режимот, потоа заедно ги премостивме сите предизвици на патот Македонија да ја направиме европска, а сега со обновени сили продолжуваме да ја градиме нашата држава.На пресек од двегодишната власт успеавме да направиме многу и за државата и за партијата, но, се разбира, има уште многу пат за одење.
Синоќешните одлуки на ЦО на СДСМ се за заедничко добро и само во партија каде што има висока свест, демократска култура, другарство, визија, заемна доверба, во еден ден едногласно можат да се донесат крупни одлуки на кадровски промени.
Таков е мојат, нашиот СДСМ!
Како поединци не сме воопшто битни, кога станува збор за општото добро на граѓаните, на членството. Нашите функции и кариери се помали од нашиот интегритет и подготвеноста да се ставиме во функција на повисоките, заеднички цели.
Пораката од граѓаните беше веднаш прифатена уште при нејзина испорака и беше сосема доволна целото раководство да ја понуди својата оставка за, согласно досегашното искуство, нештата да ги промениме на подобро. И партијата и државата, преку прераспоредување, воведувајќи нови концепти на работа.
Му благодарам на претседателот Заев за укажаната доверба која сите заедно ја оправдавме. Во специфични услови, на огромни, наталожени очекувања, успеавме да испорачаме сериозни општествени и партиски резултати крунисани со победа на претседателските избори.
Им благодарам на сите соработници, со кои соработката продолжува, за преданоста и доследноста, им благодарам и честитам за придонесот на досегашните потпретседатели на СДСМ, членовите на ИО и организацискиот секретар, на заменик-претседателката Шеќеринска за другарството и поддршката.
Им благодарам на сопругата и семејството за големата, огромна поддршка и поднесувањето на тешките, неправедни моменти кои доаѓаат од функцијата, која честопати знае да биде неблагодарна. И голема благодарност до членовите на СДСМ, кои несебично се вложија во сите партиски активности, кои секојдневно ја градат и зацврстуваат нашата партија која значи многу за нашата Македонија! Продолжуваме заедно напред!”, напиша Кирацовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

