Македонија
Клековски: Нема застој во исплатите на породилното и капитацијата на лекарите
Фондот за здравствено осигурување денес одржа прес-брифинг на кој беа презентирани информации поврзани со исплатата на породилни отсуства, капитацискиот модел за матичните лекари, како и достапноста на здравствените услуги во делот на анализите за тумор-маркери.
„Во врска со поединечни наводи за заостанување во исплатите за породилно отсуство, Фондот за здравствено осигурување јасно информира дека не постои одложување во исплатите. Сите обврски се извршуваат редовно и согласно законските рокови“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој кажа дека исплатите се реализираат континуирано и без прекин, а сите барања кои ги исполнуваат условите се процесуираат навремено.
Во врска со капитацијата за матичните лекарите, Клековски, кажа дека се исплаќа навреме и со зголемување од 33%.
„Фондот одлучно ги демантира објавите за наводно задоцнување на капитацијата за матичните лекари. Според договорните обврски, Фондот има рок од 60 дена за исплата по прифаќањето на фактурите. Матичните лекари ги доставуваат фактурите за претходниот месец од 1 до 10 во тековниот месец. Исплатата во ноември 2025 (во износ од 493.127.241 денари) е во тек и се реализира согласно роковите“, рече тој.
Дополнително, додаде Клековски, од прегледот на исплатите јасно се согледува дека договореното зголемување на капитациите од 33% се спроведува. Во моментов активни се: 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 за гинекологија.
Директорот, исто така, информира дека во 2025 година се извршени четвртина милион анализи за тумор-маркери во 2025 година.
„До октомври 2025 година, во државата се извршени 238.744 анализи за тумор-маркери – што претставува значајна достапност на лабораториската дијагностика. Тестовите се изведуваат во повеќе јавни здравствени установи: Клиничка биохемија – речиси 49.000 анализи, како и во „8 Септември“, Куманово, Битола, Охрид, Штип, Тетово, Гостивар и други градови. Најбарани се: PSA (простата) – над 65.000 CEA (дебело црево и бели дробови) – над 43.000 CA 19-9 (панкреас) – над 35.000 CA-125 (јајници) – над 25.000 CA 15-3 (дојка) – над 21.000“, рече Клековски.
Истакна дека само во 2024 година, 3,06 милијарди денари се исплатени за лабораториски услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

