Македонија
Коалиција Маргини: Итно да почнат постапките за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација и на нов народен правобранител

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието итно да ги почне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и избор на нов народен правобранител.
„Законот за спречување и заштита од дискриминација стапи на сила со објавувањето во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр. 258/2020 на 30.10.2020. Согласно член 45, став 1 од овој Закон, јавниот оглас за избор на членови на Комисијата, Собранието на Република Северна Македонија ќе го објави во рок од 15 дена од влегувањето во сила на овој закон. Согласно датумот на стапување во сила на законот, вака предвидениот законски рок истече на 14.11.2020, а Собранието на Република Северна Македонија сè уште нема објавено јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Вториот мандат на актуелниот народен правобранител Иџет Мемети истекува на 24.12.2020. Согласно член 5, став 4 од Законот за народен правобранител, Собранието има законска обврска да ја започне постапката за избор на народниот правобранител и неговите заменици три месеци пред истекот на нивниот мандат. Согласно датумот на истек на мандатот на актуелниот народен правобранител, Собранието требало да ја започне постапката за избор на нов народен правобранител и на негови заменици најдоцна до 24.9.2020, а Собранието сè уште нема објавено јавен оглас за избор на нов народен правобранител“, се вели во соопштението.
Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието во најкус можен рок да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати/ки, кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ и други).
Дополнително, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието во најкус можен рок да ја спроведе постапката за избор на нов народен правобранител. Собранието при изборот треба да води сметка идниот народен правобранител да биде лице кое ќе ги надмине долгогодишните идентификувани проблеми на институцијата, а кои се однесуваат на недостигот на рамномерна распределба на финансиски и човечки ресурси, степен на стручност и компетентност на значаен дел од кадарот на институцијата, јавно објавените меѓучовечки конфликти и мобинг во институцијата и пополнување на празните работни места согласно Правилникот за систематизација во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на народниот правобранител.
„Новиот народен правобранител мора да биде лице кое ќе ја врати довербата на граѓаните во институцијата и ќе направи институцијата Народен правобранител да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институции за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венециската комисија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.