Македонија
Ковачевски – Галовеј: Британија ќе ја поддржи земјата да обезбеди одржлива енергетска независност

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја прими британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која на премиерот и на новата Влада им посака успешен мандат и остварување на програмските приоритети.
Како што се наведува во владиното соопштение, премиерот на средбата ја изразил благодарноста на Владата и на граѓаните за традиционалното пријателство со Обединетото Кралство.
Галовеј потврдила дека Обединетото Кралство останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Северна Македонија.
„Како силен и долгогодишен партнер на Северна Македонија, ги поддржуваме нејзините аспирации да стане членка на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме заедно за просперитет на земјата во насока на економска соработка и ќе продолжиме да ја поддржуваме енергетската стратегија на Северна Македонија и нејзината посветеност за целосна и одржлива транзиција кон обновливи извори на енергија“, рекла британската амбасадорка на средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнување тензии

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“ велат од Министерстово.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР, и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешно – политички чекори“ се вели во соопштението.
Македонија
Регистрирани се 266 нови позитивни ковид-случаи, нема починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 953 тестови, а регистрирани се нови 266 случаи на Ковид-19: Скопје – 168, Куманово – 17, Битола – 14, Тетово – 12, Прилеп и Штип – по 9, Гостивар – 7, Кочани и Пробиштип – по 5, Кавадарци и Кичево – по 4, Струмица и Крива Паланка – по 3, Струга и Радовиш – по 2, Неготино и Ресен – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (266), регистрирани се 64 реинфекции.
Регистрирани сe 119 оздравени пациенти од: Скопје – 73, Битола – 7, Прилеп и Кочани – по 6, Струмица и Велес – по 5, Куманово и Кавадарци – по 4, Тетово – 3, Гостивар и Виница – по 2, Пробиштип и Делчево – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин нема регистрирано починато лице.
Досега во земјата бројот на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 1.273.
Македонија
(Видео) Партиска средба за разгледување на францускиот предлог

Во Клубот на пратениците во тек е средбата на работните групи на политичките партии за разгледување на францускиот предлог чие евентуално прифаќање би значело тргање на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската Унија.
Партиските претставници се очекува да ги изнесат своите ставови и забелешки за предлогот.
Оваа група ја сочинуваат вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.