Македонија
Ковачевски – Дион: Поддршка од Канада и очекување Северна Македонија да го задржи правецот во кој се развива
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада, Џастин Трудо, за Европската Унија и амбасадор на Канада во Франција и Монако.
На состанокот е изразена јасна поддршка за правецот во кој се развива нашата држава и очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи со натамошните чекори во евроинтеграциите, по членството во НАТО.
Поздравени се недвосмислените и цврсти политики на премиерот Ковачевски и на Владата на линија на надворешната политика на Европската Унија, како и применливиот дијалог во државата и во добрососедските односи, преку кои се доаѓа до решенија.
Оценето е дека Република Северна Македонија ѝ е потребна на Европската Унија како пример за принципиелна демократска држава, која применува европски, прогресивни политики и вредности и дека токму поради тоа и заслужува да биде дел од Унијата.
Притоа пренесена е силна поддршка од премиерот Трудо и од Канада за натамошниот напредок на Северна Македонија во европските интеграции. Констатирано е и дека целиот Западен Балкан припаѓа на Европа и дека е од стратешко значење и за регионот и за Унијата да продолжи проширувањето со целосна интеграција.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за традиционално добрите односи со Канада, засновани на пријателство и меѓусебно разбирање и за големата поддршка што ја има нашата држава, од Канада и конкретно од премиерот Трудо, во сите важни процеси за демократскиот напредок.
Ова пријателство меѓу двете држави, како што рече премиерот Ковачевски, има длабоки корени, ако се земе предвид дека заедницата на граѓани од Северна Македонија во Канада е вградена во развојот на Канада и дава значаен придонес во билатералните односи.
„Канада е земја на толеранција, признавање на различностите и почит кон сите луѓе, што нè прави уште поблиски како држави иако сме на географска оддалеченост. Голема благодарност до Канада и до премиерот Трудо за целата поддршка за доброто и добрата иднина на граѓаните на Северна Македонија“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, соопшти дека во државата се формира европска коалиција, која треба да го осигура европскиот пат бидејќи другата опција е радикален национализам, за лични или туѓи интереси, што не е државен национален интерес, а е со штетни последици и во пошироки рамки.
Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата продолжува со конструктивните политики и со јасна заштита на идентитетските определби. Паралелно со тоа се решаваат и тековните предизвици предизвикани од економско-енергетската криза. А изрази и очекување дека политичката и општествената јавност во земјата ќе бидат на висина на одговорноста кога станува збор за реализацијата на европската цел во интерес на квалитетот на живот на граѓаните во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

