Македонија
Ковачевски за „Политика“: Апелирам за итен прекин на агресијата врз Украина, како држава претседавач со ОБСЕ ќе помогнеме со дијалошките искуства
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ви интервјуто за „Политика“ зборуваше и за придонесот што ќе го даде Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ во контекст на актуелните случувања во Украина, со дијалошките искуства на домашен и меѓународен план.
Ковачевски посочи на важноста на прогресивните политики на Владата и на државите од регионот, чијашто цел се европските интеграции, но ја унапредија соработката со регионалните иницијативи и денес тоа резултира со економска поддршка и стабилност.
„ Добро е што ја унапредуваме регионалната соработката и со тоа ја зајакнавме меѓусебната доверба. Овие регионални иницијативи, Отворен Балкан, Берлинскиот процес нè зближуваат и се поттик заеднички да го држиме изострен фокусот кон одржувањето на стабилноста и безбедноста во регионот и секако тоа што е наша заедничка стратешка цел, кон европските интеграции“, рече премиерот Ковачевски.
Како премиер на држава којашто претседава со ОБСЕ тој апелираше на итен прекин на руската агресија врз Украина и соопшти како Северна Македонија може да придонесе преку сопствените искуства, во воспоставувањето на мирот во пошироки рамки.
„ Мора да се врати мирот во светот и ние сме уверени дека е тоа можно преку креативни решенија, на коишто ќе работиме. Да, изненади тоа што агресијата дојде од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што è Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик – држава членка на ОН, организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот и членка на ОБСЕ, е спротивно на заедничките определби на државите членки против какви било форми на дејствување, чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир.
Историјата покажува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат и колку и да трае еден воен конфликт, секогаш до решението е дојдено на дијалошка маса.
Затоа, апелирам, како премиер на држава којашто претседава со ОБСЕ, веднаш да прекине агресијата на Руската Федерација врз Украина и да се отвори пат за дипломатија и дијалог, со цел да се дојде до разумно решение по мирен пат.
Македонија од 1 јануари 2023 година ја има честа да претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ. Тоа е истовремено и голема обврска, бидејќи се случува во време кога во Европа има воена агресија.
Но, уверен сум дека успешно ќе одговориме на дадената доверба, затоа што имаме искуства како се надминуваат конфликти. И самите ние, како држава, бевме корисник на посредничко-безбедносни механизми, вклучително и на мировната мисија на Обединетите нации и преку сопствен пример ни се познати бенефитите од мировни ангажмани на меѓународната заедница.
Исто така, успеавме и со сопствени сили, дома, иако сме мултиетничка држава, да се обединиме во заедничките определби кон мир, со што не бевме вовлечени во војна, во време на поранешна Југославија, а и подоцна, со Охридскиот рамковен договор, успеавме да ја сочуваме унитарноста на државата.
Денес сме и светол пример на Балканот и во Европа, за функционална мултиетничка демократија и држава којашто стабилно чекори по евроатлантскиот пат. Тоа го постигнавме и со мудрите дијалошки политики во добрососедските односи.
Со сите овие искуства, подготвени сме да придонесеме во зајакнувањето и развојот на безбедноста на меѓународен план. Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, посветени сме мултилатеризамот да го надмине милитаризмот, што е врвен предизвик за Европа и светот, денес“ порача премиерот Ковачевски, во интервјуто за српскиот дневен весник „Политика“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

