Македонија
Ковачевски: Пензиите ги зголемивме на историско ниво, има 100 милиони евра повеќе за 2024 и антикризни мерки

„Оваа Влада покажа како се зголемуваат пензиите на системски начин. Донесовме решение за зголемување на пензиите, два пати во годината, согласно растот на просечната плата и согласно растот на трошоците за живот. Имаме најголемо зголемување на пензиите во историјата на државата, во изминатите година и половина, од 24%. Само за споредба, ние имаме 50% зголемена минимална пензија и 50% зголемена просечна пензија во државата“, порача денеска, во одговор на новинарско прашање, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
„Не е начин пред избори на пензионерите да им се ветува еднократно зголемување, туку ова е начинот каде во време на најголема криза се зголемени пензиите за толкав процент. А за идната година, во Буџетот за 2024 година, за пензиите се предвидени дополнителни 100 милиони евра повеќе од оваа година, со цел понатамошно нивно зголемување согласно Методологијата“, констатираше премиерот Ковачевски.
„Антикризните мерки се во финална фаза, со нив се опфатени околу 400.000 граѓани и тука спаѓаат пензионерите кои се со пониски пензии. И утре, на Влада, доколку се биде финализирано, мерките ќе бидат донесени и ќе следува прес-конфренција на којашто ќе бидат објавени“, соопшти денеска премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР на Бугарија со длабоко разочарување: Изјавите на Мицкоски ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција

Министерството за надворешни работи на Бугарија, се огласи по повод изјавите на премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека „нема потреба да се внесуваат Бугарите во Уставот“.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го изразува своето длабоко разочарување и категорично ги осудува неодамнешните изјави на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Христијан Мицкоски. Овие изјави не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција.
Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, велат оттаму и додаваат:
„Исто така, сакаме да го посочиме фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, соопштија од бугарското МНР.
Македонија
Мисајловски на состанокот на контакт групата за Украина, за првпат реализирана под водство на Обединетото Кралство

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел во рамки на предвидените состаноци на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина, кој за првпат се реализира под водство на Обединетото Кралство.
На состанокот предводен од секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хили, на кој учествуваа министри и високи претставници на 50-тина земји, генералниот секретар на НАТО Марк Руте како и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, фокус беше поддршката на Украина.
Од започнувањето на агресијата врз Украина, македонската Влада досега има донесено 15 (петнаесет) одлуки за хуманитарна и воено-техничка помош и поддршка на Украина и украинскиот народ како земја која ја брани својата независност и територијален суверенитет и во континуитет се залага за почитување на меѓународното право и правен поредок.
Престојот во Брисел продолжува и утре со состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана и состанокот на Советот НАТО- Украина.
Македонија
Врнежи од снег кај Маврово, Плетвар, Попова Шапка и Крушево, засега не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот

Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Маврово и на планинските превои Буково, Ѓавато и Плетвар, додека врнежи со среден интензитет се бележат на Попова Шапка и во Крушево, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, соопштија од АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.