Македонија
Ковачевски – Петровиќ: Регионот ги унапредува односите и е од геополитичко значење за ЕУ, која е на потег

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со Марија Петровиќ, амбасадорка на Република Црна Гора во земјата.
На состанокот се потврдени традиционално добрите пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени политички прашања, и е споделена определбата за унапредување на соработката.
Разговарано е за можностите за одржување заедничка меѓувладина седница, со цел унапредување на соработката во областа на економијата, со фокус кон инфраструктурни проекти, важни за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете држави, кои партнерски соработуваат во одбраната како членки на НАТО.
Констатирано е дека развојот на добрососедските односи е од голема важност за подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните од државите во регионот, како и за развојот на конкурентни економии кон Европа.
Во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија и на државите од регионот оценето е дека се тие од геополитичко значење и за самата Европа, која треба да ги валоризира ефикасните надворешни политики поставени на линијата на политиките на ЕУ и застанувањето на правилната страна во однос на руската агресија врз Украина.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката од Црна Гора за членството на Северна Македонија во НАТО. Тој посочи дека Република Северна Македонија преку принципиелен дијалог ги развива добрососедските односи и дека државата и понатаму останува фокусирана на политики базирани на меѓусебно почитување. Во тој контекст е посочено на вчерашниот историски чин на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, со што повеќе нема отворени прашања и помеѓу Северна Македонија и Србија.
На средбата е оценето дека стратешкиот дијалог на Северна Македонија со САД носи придобивки на економски и образовен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре без струја повеќе делови на Скопје

Поради планирани техннички зафати во дистрибутивниот систем за електрична енергија, утре без електрична енергија ќе останат:
– од 08:00- 14:00 часот корисниците на дел од ул. Рилски Конгрес, дел од ул Кратовска, дел од ул. Банско. (општина Кисела Вода)
– од 08:00 – 12:00 часот корисниците од ул. 1550, индустриска зона Визбегово, поточно фирмите Астекс Графика, Виа Шпед и Инфосет. (општина Бутел)
– од 08:00- 15:00 часот корисниците на ул. 1515, Пинтија. (општина Кисела Вода)
– од 08:00- 14:00 часот дел од корисниците од с. Ново Село позади бензинската Петрол Оил.(општина Ѓорче Петров)
– од 05:50- 14:00 часот корисниците од сите помали фирми и објекти во околината на Сатра, ул. 6, Сава станица, Фарма Трејд, Ники Инвест, Ман Импортер, ул. 4, Илинден, ул. 2.(општина Илинден)
– од 09:00- 15:00 часот дел од корисниците дел од с. Кучково.(општина Ѓорче Петров)
– од 09:30- 14:30 часот дел од корисниците од ул. Будимпештанска.(општина Карпош)
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност. Во попладневните и во вечерните часови на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветар, наместа со услови за појава на невреме.
Утринските температури ќе биде во интервал од 13 до 21 степен, а дневните ќе достигнат од 29 до 37 степени.
Во Скопје претпладне времето ќе биде сончево, со мала до умерена облачност. Попладне, во делови од котлината, ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Утринската температура ќе биде до 19-от степен, додека дневната ќе достигне до 33 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека денеска на повеќе места ќе има нестабилно време, а во северните делови ќе има пад на температурата за околу три степени.
Во четврток ќе има преодно стабилизирање на времето. Под влијание на нов влажен бран во петок и во сабота ќе биде нестабилно, со обилни врнежи од дожд на повеќе места и значителен пад на температурата.
Македонија
Поврдени 47 полицајци, а приведени 11 демонстранти во вчерашните протести

Повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди во вечерашниот јавен собир на подрачјето на СВР Скопје, кој се одржа во периодот од 19.00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22.30 часот. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега, соопшти МВР.
Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.
За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, додаваат од МВР.