Македонија
Ковачевски присуствуваше на отворањето на Генералното собрание на ООН во Њујорк
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој предводи владина делегација во Њујорк, денеска присуствуваше на отворањето на 77. Генерално собрание на Обединетите нации.
Годинешната генерална дебата на Генералното собрание на ООН е посветена на дискусија на тема „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“, со фокус на решенијата кои земјите ќе ги изнајдат преку солидарност, одржливост и наука. Генералната дебата ја отвори генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш во присуство на лидерите и делегатите од земјите членки на Организацијата на Обединетите нации. Главен фокус на отворањето беше позицијата и повикот за заедничкото делување и дијалог како единствениот начин кој ќе овозможи развој. Воедно, беше посочено дека ниту еден глобален предизвик, не може да се реши без здружени напори на сите земји и чинители.
Покрај присуството на генералната дебата на Генералното собрание на ООН, денеска попладне премиерот Ковачевски, заедно со останатите негови колеги од земјите од Западен Балкан ќе присуствува и на работен ручек, организиран од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
За утре е предвидено претседателот на Владата Димитар Ковачевски да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН.
Ковачевски во рамките на посетата на Њујорк ќе има и неколку билатерални средби и предавање на Универзитетот Колумбија.
Владината делегација, која ја предводи премиерот во Њујорк, ја сочинуваат министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на Република Северна Македонија при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски, Едмонд Адеми, советник за надворешни работи на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

