Македонија
Ковачевски – Рама: Берлинскиот процес и другите регионални иницијативи обезбедуваат побрза евроинтеграција на земјите од регионот
Премиерот Димитар Ковачевски одржа тет-а-тет средба со својот албански колега Еди Рама, на која во фокус на разговорот беа перспективите и придобивките од Берлинскиот процес, интеграциите во Европската Унија, како и важноста од натамошно зацврстување на билатералната соработка меѓу двете соседни земји, кои се членки на НАТО.
Премиерите Ковачевски и Рама се согласија дека евроинтегративните процеси на двете земји и важноста од недвосмислена посветеност е клучна во овие моменти на силни геополитички превирања, сè со цел земјите да станат полноправни ЕУ-членки до 2030 година.
По тет-а-тет средбата, премиерите на двете земји одржаа билатерална средба заедно со владините делегации.
На средбата во состав на македонската делегација беа првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во состав на албанската делегација присуствуваа Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Република Албанија, како и заменик-генералната секретарка во владата, Елира Кокона.
На билатералната средба заеднички беше констатирано дека на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги и Албанија и Северна Македонија, им претстои сериозна работа затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој.
Во таа насока токму преку Берлинскиот процес целта е да се интензивираат соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.
На билатералната средба беше констатирано дека е јасен ставот оти ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ. Воедно, беше констатирано дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес што ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.
На средбата премиерот Ковачевски истакна дека Берлинскиот процес, „Отворен Балкан“, исто како и другите регионални иницијативи, како RCC, CEFTA, CEI, SEECP, се комплементарни една на друга и секоја од нив за граѓаните и бизнисот е само придобивка плус. Премиерот Ковачевски додаде дека нашето дејствување во секоја една од нив треба да е исклучително посветено затоа што секоја од нив е чекор напред кон европски пат.
На состанокот беше дискутирано и за состојбата во нашите соседни земји, на што од страна на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски беше нотирано дека како непосредни соседи на Косово и на Србија, повикуваме на деескалација на состојбите и спроведување на меѓународно преземените обврски на двете страни, односно на имплементација на договорот што Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел и особено на договорот постигнат во Охрид за патот кон нормализација на односите.
Од аспект на соработката на двете земји беше истакнато дека денешната посета е уште една потврда за добрата билатерална соработка меѓу двете земји, која се случува осум месеци пос меѓувладината седница на владите на Северна Македонија и на Албанија, на која беа потпишувани договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Трендот на раст на трговската размена со Албанија има тенденција за натамошен раст. Во 2022 година извозот од Северна Македонија кон Албанија изнесувал над 102 милиона евра, што е раст од 7 отсто во однос на 2021 година и раст од 40 отсто во однос на 2019 година.
Потенцирано е дека двете земји како НАТО-сојузници цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

