Македонија
Ковачевски смета дека не е време за избори: „Не подлегнувам на уцени и закани“

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски најавената блокада на ВМРО-ДПМНЕ на Собранието ја оцени како неодговорно однесување на Христијан Мицкоски, кое не носи добро никому, а штета им прави на граѓаните.
„Ова е едно неодговорно однесување коешто не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски, кој очигледно сè уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да прави вакви чекори“, рече претседателот Ковачевски.
Ковачевски истакна дека блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ се случува во време на најголема економска и енергетска криза и ги повика пратениците од сите пратенички групи да покажат одговорност и да бидат на висина на својата задача.
„Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување, особено со кризата што ја имаме во државата, а којашто е резултат на војната што се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Ако ги погледнете законите коишто се заглавени во Собранието токму на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, а не се работи за еден, два, три, 10, 15, 20, туку се работи за многу повеќе закони, тогаш ќе знаете дека тоа е однесување кое што во континуитет го отсликува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Ковачевски.
Втора работа којашто исто така е многу важна, рече Ковачевски е дека тој не подлегнува на уцени и закани.
„Ги гледам денешните натписи, не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и закани. Јас потврдив во изминатите речиси четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството“, порача претседателот Ковачевски.
Ковачевски повтори дека со резигнација ги отфрла деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, и додаде дека граѓаните не поддржуват предвремени избори. Сега е време да се справиме со последиците од кризата и да го поддржиме стандардот на граѓаните.
„Ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам. Одржување средби под уцени, под закани само со една точка на дневен ред, а тоа е предвремени избори, кои прво, политичките партии не ги поддржуваат, потоа граѓаните не ги поддржуваат. Поминаа времињата кога ВМРО-ДПМНЕ на секои две години правеше избори само заради свој личен политички профит, сега е време прво да се справиме со кризата затоа што гледате што се случува на светските берзи, гледате што се случува во Украина“, рече тој.
Според Ковачевски, Владата е демократска и јасно позиционирана и ориентирана, за разлика од опозицијата во која има политички партии коишто се отворено на страната на Русија и политички партии коишто сметаат дека претседателот на Украина Зеленски е нивни непријател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.