Македонија
Ковачки: Од охридската полиција украдени биле и бомби и гранати, Спасовски итно да поднесе оставка
Ограбена е полициска станица, а власта се однесува како ништо да не се случило, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој рече дека според информациите кои ги објавија медиумите, но и според нивни сознанија не се работи само за кражба на оружје и муниција за автоматско оружје, туку и за бомби и гранати, а за кои во МВР немаат точна евиденција.
„МВР не знае што точно и во колкава количина е украдено. Објектот на магацинот се наоѓа во кругот на поранешната касарна Михајло Апостолски во Охрид, а сега е во сопственост на полицијата. Магацинот има обезбедување и е во круг на повеќе полициски објекти, а непосредно спроти истиот е канцеларијата на началникот на РЦ Запад. Оттука се влече заклучокот дека крадците или се поголема организирана група која е голема опасност за мирот на државата или се во договор со Оливер Спасовски“, обвини Ковачки.
и.
Според него, украдена е муниција доволна за вооружување на цела единица. Тоа не е оружје или муниција кое може да се користи во лов или за било какви рекреативни цели, вели Ковачки, туку станува збор за автоматско оружје, муниција, бомби и гранати кои се користат исклучиво за боеви дејствија.
„Кога полицијата и криминалците се едно, епилогот е кражба на оружје од полициски магацин и предизвикување на несигурност кај населението. Спасовски или е целосно неспособен да го обезбедува имотот на МВР или е во целосна коалиција со криминалот и ги прикрива извршителите. Ова се случило кога криминалците ќе го чувствуваат МВР за свој дом“, додаде Ковачки.
Тој заклучи дека полицијата под водство на Спасовски, одамна го изгуби кредибилитетот и авторитетот.
ВМРО-ДПМНЕ повтори дека Спасовски треба веднаш да си поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

