Македонија
Комисијата за заразни болести со препорака периодот за изолација да се намали на 7 дена

Намалување на периодот на изолција од 10 на 7 дена за ковид-позитивните пациенти е ставот што произлезе од денешната вонредна седница на Комисијата за заразни болести.
Конечната одлука ја носи Владата на предлог на Министерството за здравство, а врз основа на препораките на Комисијата.
„На состанокот на Комисијата не стана збор за укинување на сертификатите и за носењето заштитни маски од учениците со започнувањето на второто полугодие од учебната година. За овие прашања ќе се разговара дополнително на некои од наредните состаноци“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Анализите во моментот укажуваат на тоа дека сè уште има капацитет за сместување во болниците, но доколку сликата се смени и болниците се преполнат, Министерството за здравство веднаш би ги ставило во функција останатите капацитети на јавно-здравствените установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ковачевски: Не можам да кажам дека има напредок со Бугарија во однос на заемно прифатлив документ

Во моментов не можам да кажам дека постои напредок во преговорите, во однос на постигнување на заедно прифатив документ со Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Рим.
На состанокот, како што истакна Ковачевски, присуствувале и министрите за надворешни работи од двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои ги информирале премиерите за текот на преговорите на министерско ниво.
„Разговорите продолжуваат со цел да се дојде до документ којшто би бил прифатлив за двете држави и ќе претставува основа за решение. Не разговаравме за нови услови од бугарска страна. Станува збор за оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, којшто уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок“, изјави Ковачевски.
Генералната оценка на Ковачевски е дека средбата поминала во конструктивна атмосфера.
Претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека со Ковачевски си ветиле оти конструктивниот дијалог ќе продолжи. Првиот човек на бугарската Влада нагласи дека дека двете земји не поставиле рокови и повика да не се подлегнува на провокации од различни групи кои се обидуваат да ги ескалираат тензиите.
Македонија
Петков по средбата со Ковачевски: Си ветивме дека конструктивниот дијалог ќе продолжи

Најважно за двете влади е да имаат конструктивен дијалог и тој да продолжи. Ова го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по средбата со неговиот македонски колега, Димитар Ковачевски во Рим.
Петков повика да не се подлегнува на провокациите од различни групи кои се обидуваат да ги ескалираат тензиите и рече дека Бугарија и Северна Македонија можат да го продолжат правецот на добрососедство само преку конструктивен дијалог, пренесе бугарската „Нова“.
Петков рече и дека двете земји не поставиле рокови, туку меѓусебно си ветиле дека ќе продолжат со добриот тон и уште еднаш го повика бугарскиот претседател, Румен Радев да го свика Советот за национална безбедност, каде темата ќе продолжи.
Македонија
Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми, реагираат новинарските организации за посетата на Рим

Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска е во Рим во работна посета во рамки на одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј. Во рамки на посетата присутни се новинари и медиумски работници на неколку медиуми за да известуваат за настанот, велат од Здружението на новинарите, Советот за етика на медиумите и Сојузот на синдикатите на новинарите во Македонија.
Новинарските организации реагираат дека за изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети.
„Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба“, се наведува во заедничкото соопштение.
Оттука се децидни дека користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните.
„Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи. Оваа практика на Владата ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи“, наведуваат новинарските организации.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.