Македонија
Комората на сметководителите при ССК обезбеди дигитален пулт за превенција од Ковид-19

Комората на сметководителите на Македонија при Сојузот на стопанските комори, денес обезбеди дигитален пулт за бесконтактно мерење температура и за дезинфекција за Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“.
Дигиталниот пулт е целосно безбеден, прецизен и едноставен за употреба, а влиаје за превенција од ширење вируси и други заразни болести. Опремен со термални камери кои му ја мерат температурата на човекот на растојание до еден метар, имаат вграден систем за детекција на лицата и вграден автоматски систем за бесконтактна дезинфекција на рацете. Уредот има капацитет за 600 корисници за еден час и значително ќе помогне за спречување вируси и бактерии во Институтот, каде што примарни пациенти се деца.
„Дигиталниот пулт, кој денес е поставен во Институтот, покрај превенција од ширење на Ковид-19, ќе овозможи и висока контрола на здравствената состојба на лицата што влегуваат во здравствената установа со оглед на неговата мултифункционалност за дезинфекција и мерење температура, како и детекција на лицата што влегуваат со можност да бидат препознаени и со заштитна маска. Подобрувањето на условите, особено во установи како оваа, каде што приоритет е заштита на здравјето првенствено на децата, е приоритет во општествената одговорност на Комората на сметководителите. Солидарноста во услови на здравствено-економска криза е од голема важност и придонесува за потенцирање на вредностите и она што е важно за секој од нас“, изјави Бране Попоски, член на УО на Комората на сметководителите.
Директорот на Институтот, Ангелчо Андоновски, истакна голема благодарност до Комората на сметководителите при Сојузот на стопанските комори, кои во услови на здравствено-економска криза го поддржуваат македонскиот здравствен систем и несебично придонесуваат за зајакнување на здравствените капацитети. Андоновски додаде дека ова е нивна втора поголема донација по неодамнешното поставување на тунелот за дезинфекција на влезот на болницата, со цел значително да се намали можноста за внесување на вирусот во болницата.
Во изминатиот период Сојузот и неговите членови организираа кампањи и акции за обезбедување опрема и помош за најранливите категории. Минатата недела беше реализирана голема помош, донацијата од 85 респираторни машини, кои претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија во име на 4 компании ги донира на македонскиот здравствен систем во присуство на премиерот и министерот за здравство. Претседателот на Комората на сметководителите реализира опрема на специјален пулт за дезинфекција при Институтот за белодробни заболувања кај децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.