Македонија
Комплетиран владиниот кабинет, избрани 16 заменик-министри

На предлог на претседателот на Владата, Зоран Заев, Собранието ги именуваше заменик-министри во Владата.
Башким Хасани е избран за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана, Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи, Димитар Ковачевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии, Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда, а Илхан Рахман за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Фатмире Исаки е заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи, Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија, Трајан Димковски e заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Илир Хасани – заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство, a Арафат Шабани заменик на министерката која раководи со Министерството за образование и наука.
Енвер Хусејин е избран за заменик на министерката која раководи со Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа, Седат Сулејмани за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура, Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и Христина Оџаклиеска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
На именувањето на заменик-министрите во Владата му претходеше обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев, во кое тој образложувајќи ја предлог-листата со 16 заменици-министри, изрази уверување дека предложените кандидати совесно и со најголема посветеност и одговорност ќе ги извршуваат своите работни обврски согласно законот и определбите на Владата за остварување на нејзината Програма и за остварување на стратешките интереси на Република Северна Македонија, како и интересите на сите нејзини граѓани.
„Сега е време да доработиме и да сработиме. Да ја исполниме нашата обврска да го испорачаме ветеното. Заедно со вас пратениците, со граѓаните, да продолжиме да пишуваме успешни страници за иднината, на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите“, истакна премиерот Заев на собраниската седница, на која ја претстави листата на заменик-министри во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.