Македонија
„Конзулатот во Њу Џерси работи само 4 часа неделно – уште една навреда за македонската дијаспора“, велат од партијата Левица

„Срамно и понижувачко е постоењето на Конзулатот на Република Македонија во Риџфилд Парк, Њу Џерси, кој работи само четири часа неделно – два часа во вторник и два во четврток, и тоа е жив доказ за институционалното запоставување на македонската дијаспора“, велат од партијата Левица.
„Нашиот народ кој живее, работи и придонесува во САД е принуден да се соочува со крајно минорни и ограничени услуги, затворени врати и администрација која не одговара ниту на телефон. Тоа е директно понижување за граѓаните чии даноци и вложувања се игнорираат од страна на една сервилна и неефикасна дипломатија. Ниту една друга држава во светот, како што сами велат граѓаните, ни приближно не покажува ваква рамнодушност и игнорирање на сопствените сограѓани.
Овој однос на Македонско конзуларно претставништво во светот не е единствен. Честопати се регистрира и во други држави, и не мал бројот на наши сограѓани очајуваат поради нефункционални веб сајтови, неодговарање на телефон во работно време и патувања на празно зашто работното време е или недоволно или неправилно означено.
Ги повикуваме надлежните од Министерството за надворешни работи да објаснат зошто оваа институција во Њу Џерси практично не функционира, и да преземат итни мерки за проширување на работното време, вработување на соодветен кадар и воспоставување ефикасна комуникација со македонските државјани. Исто така, секојдневно да ги ажурираат податоците на конзуларните сајтови и во сите останати држави во однос на податоците што се од корист на нашите сограѓани во странство.
Да не се заборава дека Македонската дијаспора е жив организам кој со децении ја поддржува татковината и има право на достапни и ефикасни конзуларни услуги“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со фалсификати две лица пререгистрирале ловечко друштво, па издавале дозволи за лов без печат и потпис

Полицијата поднесе кривична пријава против И.А.(52) од струшкото село Лабуништа и против А.Џ.(35) од селото Подгорци поради фалсификување исправа и измама.
Од МВР велат дека во текот на 2024 година, со намера да пререгистрираат и присвојат ловечко друштво од Вевчани, пријавените почнале да собираат потписи и изготвиле лажни изјави од лица од околните села, набавиле фалсификувана исправа и печат на непостоечко здружение и фалсификувале потписи на негови членови.
Истите документи, како што информираа од полицијата, без да бидат заведени на нотар, ги приложиле во Централен регистар во Тетово, каде без да се изврши преглед на доставената документација и спротивно на закон, било издадено решение за промена на статутот, по што го пререгистрирале ловечкото друштво.
После тоа, пријавените започнале да управуваат и да издаваат дозволи за лов без печат и потпис.
Македонија
(Видео) Крадец снимен како го ограбува манастирот „Успение на Пресвета Богородица”

Непознато лице го ограбило манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Обрштани, Кривогашатани. На снимката од безбедносните камери се гледа машко лице со маска на главата како краде пари од манастирот.
„Во текот на ноќта манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’ е ограбен. Секој што ќе го препознае сторителот да ги извести членовите на манастирскиот одбор“, повикаа од манастирот.
Македонија
Битола, Струга, Чаир се меѓу општините кои не аплицирале за проекти, рокот истекува за помалку од една недела

Седумнаесет општини воопшто не аплицирале за инфраструктурни општински проекти, за што Владата доделува средства од унгарскиот кредит. Во оваа група се Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево, Долнени.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, додека 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума.
Владата апелира уште еднаш до сите локални самоуправи да ја искористат можноста и да го запазат законски предвидениот рок за пријавување до 30 април.