Македонија
Корупција, влијание во судството и закани кон ЛГБТ заедницата забележа Стејт департментот во извештајот за Македонија

Корупција, влијанија во судството но и закани насочени кон ЛГБТК популацијата се нотирани во годишниот извештај на Стејт департментот за Македонија.
Во заклучокот во делот на човековите права се посочува на пренатрупаност во одредени затворски одделенија; насилство и закани врз новинари; сериозна владина корупција; недостаток на одговорност за родово и семејно насилство; и злосторства кои вклучуваат насилство и закани кон ЛГБТ заедницата.
Позитивен е заклучокот дека Владата презела чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција, но во четвртата точна од извештајот се наведува дека иако власта главно ги спроведувала законите кои предвидуваат казнивост за корупција од страна на државни службеници, сепак, и во 2022 година постојат извештаи за функционери што подлежат на коруптивни дејствија.
Уставот предвидува автономни и независни судови, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, се додава во извештајот. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
За полицијата, Стеј департментот забележува дека се одржува внатрешната безбедност, вклучително миграцијата и спроведувањето на границите, но нотирано е и дека припадниците на безбедносните сили извршиле злоупотреби. Според извештајот, имало пријави за тортура, казнување и нехумано постапување од страна на полицијата кон затвореници и притвореници. За вакви случаи до Народниот правобранител стигнале вкупно 103 пријави.
Медиумите и известувањата, се додава во извештајот, продолжија да бидат во голема мера поделени по политички линии, но бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува. Во извештајот е забележано и повикувањето на новинар на „информативен разговор“ во полициска станица.
Според извештајот на американскиот Стејт департмент внимание треба да се обрне и на статистиката за семејното насилство. Имено, од јануари до јуни се регистрирани 662 случаи, а надлежните органи не секогаш преземаат мерки навреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Администрацијата на јавните обвинителства штрајкува за повисоки плати

Администрацијата на јавните обвинителства штрајкува за повисоки плати.
Бараат зголемување на месечните примања за 78 проценти по примерот на функционерите, како и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
Штрајкот, како што е објавено, ќе се спроведува во сите 28 обвинителства на територијата на државата и ќе трае се’ до исполнување на нивните барања. За време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итни и неодложни работи.
Премиерот, Димитар Ковачевски, истакна дека вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, и делот на управување не е во надлежност на Владата. Во рамки на она што е можно со Буџетот, рече Ковачевски, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети.
„За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15“, рече Ковачевски.
Македонија
Во Македонија најден Французин кој бил пријавен за исчезнат

Полицијата и припадниците на ФРОНТЕКС пронајдоа 21-годишен Французин кој бил пријавен во својата држава за исчезнат.
Според информациите од МВР, момчето било затекнато при илегален влез на територија на земјава и дало лажен исказ за личните податоци. Сепак, по дополнителни проверки, како што информираат од полицијата, добиена е потврда од француските власти дека станува збор за С.И., француски државјанин, кој во својата земја се води како исчезнат од 11 март.
Лицето, согласно законските регулативи, ќе биде предадено на семејството.
Македонија
Спасовски ја посети езерската полиција во Охрид: ова лето спасени 10 лица

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, односно т.н. езерска полиција при Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, каде што оствари средба со раководството на оваа организациона единица при МВР, а на која беше брифиран за преземените мерки и активности во врска со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ во периодот од почетокот на јули до средината на септември.
„Раководството на Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’ ме информираше за преземените мерки во текот на летната сезона од страна на полициските службеници, при што биле извршени прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, а исто така преземени се и 9 заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба. Воедно, изразив особено задоволство од спасувачките акции, што ги реализира оваа организациска единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три настани биле спасени 10 лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош. Во рамките на овие активности успешно биле пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, секако без екипаж“, истакна министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека планот „Безбедно лето“ носи високи резултати и ја постигнува својата цел – да се подигне свесноста кај граѓаните, да се превенираат ризиците што ги носи летната сезона во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на границата.
Во делот на преземените превентивни мерки реализирани се десетина тематски активности со фокус на високите температури, заштита од сончаница и топлотен удар, самостојно, но и заедно со волонтери од Црвениот крст во Охрид. Притоа остварена е непосредна комуникација со граѓаните што пловат со пловни објекти по езерото, со цел потсетување за тоа како треба да се однесува при топло време и подолга изложеност на сончевите зраци, на кои им беше поделен и едукативен материјал со практични совети на летни теми.
Спасовски потсети на модернизацијата на пловниот парк и зајакнувањето на капацитетите на езерската полиција, која по цели 20 години беше реализирана во 2020 година, со набавка на нови 5 пловни објекти, два од буџетот на МВР, а три како донација од Чешката Република. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водниот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.
„На овој начин постигнавме зголемена ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во езерата така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од разни причини“, истакна тој.
На крајот од средбата министерот Спасовски ѝ додели плакета на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и благодарници на полициските службеници Седат Јашар, Ристо Буклиоски, Веџи Асани, Христијан Грозданоски и Ѓорѓи Целески за преземање навремени мерки и активности при успешно реализираните спасувачки операции во рамките на „Безбедно лето 2023“.